
Во вчерашната емисија на „360 степени“, беше прикажано истражување во кое новинарски екипи ги споредија цените на идентични производи во неколку соседни земји. Анализата беше направена во меѓународен трговски синџир (со исклучок на Косово), кој се очекува да влезе на македонскиот пазар во 2026 година.
Резултатите од ова истражување покажуваат дека Македонија има најниски цени за голем број производи во споредба со Бугарија, Грција, Србија и Косово.
Оваа анализа побива бројни тврдења дека цените на основните производи во Македонија се меѓу највисоките во регионот и Европа.
Производи со најниски цени во Македонија
Според истражувањето, Македонија има најниски цени за неколку клучни производи од секојдневната потрошувачка. Бананите се убедливо најевтини во Македонија, каде што нивната цена е за околу 42% пониска отколку во Бугарија и значително подостапна во споредба со останатите земји од регионот.
Истото важи и за јајцата, каде што македонската цена е околу 55% пониска отколку во Грција и за 22% отколку во Србија. Голема разлика се забележува и кај пилешкиот стек, кој во Македонија е за речиси 50% поевтин отколку во Бугарија.
Евидентна е разликата и кај млекото. Македонците и Србите пијат млеко по цена од 53 денари за литар, наспроти граѓаните во Косово и Бугарија кои плаќаат по 81, односно 72 денари за литар млеко со 1,5% масленост.
Кои производи се поскапи во Македонија отколку соседството?
Иако повеќето од основните прехранбени производи се најефтини во Македонија, постојат и неколку исклучоци. Шеќерот е најефтин во Грција, а во Македонија е поскап за само три денари по килограм, наспроти цената во Косово која е за 25 денари повисока, односно 70 денари по килограм.
Слична ситуација е и со солта, каде што Грција има најниска цена во регионот од 18 денари по килограм.
Во одредени категории, како што е кафето (Нескафе), Македонија не е најевтина, но цените се под регионалниот просек. Најскапо нескафе пијат во Грција кадешто еден килограм изнесува 2600 денари, наспроти 2095 денари во Македонија.
Останатите производи на кои е направена споредба се нутела, кока кола, брашно и доместос.
Како изгледаат платите во регионот?
Освен споредбата на цените, важно е да се земе предвид и паритетот на куповна моќ (PPP – Purchasing Power Parity), кој покажува колку реално вреди просечната нето плата во секоја земја, прилагодена за трошоците на живот.
Според најновите достапни податоци, просечната нето плата прилагодена за трошоците на живот во Македонија изнесува 2.286, што ја става земјата во подобра позиција во однос на куповната моќ во споредба со Грција, Србија, Косово и Бугарија. Во овие земји просечната нето плата усогласена според трошоците изнесува 2072, 2105, 1446 и 2265.
Иако платите во некои соседни земји номинално изгледаат повисоки, реално, куповната моќ на македонските граѓани е една од највисоките во регионот, бидејќи основните намирници се значително поевтини. Единствено повисока просечна нето плата според куповната моќ имаат во Црна гора 2663 долари.
Македонија останува најповолна за купување во регионот
Истражувањето на „360 степени“ јасно покажува дека Македонија е најевтина земја во регионот за купување основни намирници, особено за пилешко месо, јајца, брашно, млеко, банани и други производи.
Дополнително, со најавеното доаѓање на нов меѓународен трговски синџир во Македонија во 2026 година, очекувањата се дека конкуренцијата ќе придонесе за уште подобри услови за граѓаните.
Ова истражување ги потврдува бројките кои укажуваат дека Македонија останува една од земјите во регионот со најдобар однос меѓу цени и реална куповна моќ, што им дава предност на граѓаните при нивното секојдневно пазарење.