
Планира да го намали воздушниот сообраќај за 18%, што значи загуба на 800.000 седишта и 12 линии до летото.
Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ потврди дека од следниот месец ќе укине неколку европски линии во обид да го намали даночниот товар, објави „Скај њуз“. Од оваа одлука, засега не е засегната ниту една бугарска дестинација, додава „Телеграф.бг“.
Шпанија ќе биде една од најпогодените земји од овие кратења, при што „Рајанер“ планира да го намали воздушниот сообраќај во земјата за 18%, што значи загуба на 800.000 седишта и 12 линии до летото.
Летовите до Херес и Ваљадолид ќе бидат укинати, додека оние до Виго, Сарагоса, Астурија и Сантандер ќе бидат намалени. Од менаџментот на „Рајанер“ изјавија дека шпанскиот монополски аеродромски оператор „Aena“ инсистира на неоправдано зголемување на таксите и одбива да воведе ефективни стимулирачки шеми.
Во Италија ќе биде укинат еден од летовите до римскиот аеродром „Фиумичино“. Се укинуваат и сите летови од „Станстед“ до Олборг во Данска, објави БНР. Засегнати се и некои линии кон Австрија и Франција поради високите даноци за користење на аеродромите.