
Дел од младите на интервју за работа добиле и прашања каде работат нивните родители и што се по професија. На повеќето кои се соочиле со вакво прашање, им пречи чепкањето во приватноста и тоа за нив било сигнал дека не сакаат да работат во конкретната фирма каде се појавиле на интервју.
Едни сметаат дека тоа е со цел да се види каков е материјалниот статус на семејството на кандидатот за работа, а други дека од компанијата сакаат да имаат подетална слика дали во семејството повеќе членови се занимаваат со истата струка.
„Сум била во таква ситуација. На 18 години сум одела на интервју за работа и ме прашувале дали имам искуство и што работат моите родители. Директно ме прашувале што работат моите родители, колку време се во работен однос и јас мислам дека не е во ред да поставуваат такви прашања. Можеби родителот бил просјак, а детето успеало нешто во животот, што има врска? Мислам дека со тие прашања сакаат да дознаат дали кандидатот е од сиромашно семејство и ако е така, да го уценуваат за висината на платата или ако не е така, сакаат да знаат со кого си имаат работа, дали родителите се некои видни луѓе. Имам 27 години, на 3-4 работни места ме прашале каде ми работат родителите и не кажувам искрено, секаде сум давала различни одговори“, објаснува Јована С. од Куманово.
Друг млад човек исто вели дека имал такво искуство.
„Јас не им одговарам на тоа прашање, станувам и си одам и таквите работодавци мене не ми ги ни треба“, додава младо момче.
Катерина Златановска Попова, советничка за развој на кариера и обучувач за меки вештини вели дека прашањето каде работат родителите на апликантот за работа е непрофесионално.
„Се обидувам да ја сфатам причината и потребата некој да го поставува ова прашање на интервју. Прашањето „Каде работат твоите родители?“ во интервју за работа е непрофесионално и нерелевантно за проценка на кандидатот. Работодавците треба да се фокусираат на проценка и проверка дали кандидатот ги поседува соодветните компетенции за работната позиција (неговите квалификации, искуство, вештини и лични карактеристики), а не на семејната позадина.
Би сакала да упатам апел до сите работодавачи да избегнуваат прашања кои не се поврзани со способностите на кандидатот за позицијата. Може да се смета за дискриминаторско, особено ако работодавецот користи оваа информација за да донесе одлука врз основа на семејните врски или економски статус. И дополнително, навлегувањето во приватниот живот на кандидатот, како што е ова прашање и оние за дали е во брак, кога планира да има деца и слично е комплетно несоодветно и вознемирувачко. Иако постојат повеќе стратегии, од учтиво избегнување на темата, до директно одбивање да го одговори прашањето задржувајќи учтив и професионален тон, на крајот кандидатот треба да одлучи како смета дека е најсоодветно да одговори.
Еве неколку конкретни примери за одговор:
1. Учтиво избегнување на темата „Мислам дека моите лични вештини и искуство се поважни за оваа позиција. Можам да споделам повеќе за моите компетенции.“
2. Директно одбивање (но љубезно) „Со должна почит, сметам дека тоа не е релевантно за оваа работна позиција. Би сакал/а да се фокусираме на моите квалификации и искуство.“
3. Неутрален одговор „Моите родители работат во различни сектори, но јас се фокусирам на сопствената кариера и професионален развој", објаснува Златановска Попова.
Вели дека интервјуто за работа е двонасочно, средба на која и кандидатот истовремено прави проценка за компанијата и дали би сакал да стане дел од нејзиниот тим. Затоа, препорачува ако кандидатот чувствува дека прашањето е несоодветно или непријатно, може да процени дали сака да продолжи со интервјуто, бидејќи ваквите прашања може да укажуваат на непрофесионална работна средина и ниска организациска култура.
Ваквите ситуации ја истакнуваат важноста на кариерното советување и подготовката за интервјуа, за што ќе зборуваме на Саемот за образование што ќе се одржи на 15 и 16 март во Skopje City Mall. Таму, идните студенти ќе можат да научат како да одговараат на незгодни прашања и ќе имаат можност за кариерно советување. На саемот ќе бидеме присутни со цел да советуваме за избор на професија, советување за одбирање на компанија, тестови за дефинирање на вашите афинитети, како да изработите CV, како да се однесувате на интервју, како да преговарате за плата и промена на позицијата, за да им помогнеме на младите и нивните родители во правилното размислување за кариерниот пат.
Извор: faktor.mk