
И покрај напредокот, жените во Европската унија сè уште заработуваат во просек 12% помалку од мажите, според податоците на Евростат за 2023 година. Ова значи дека за секои 100 евра што ги заработува маж, жените добиваат само 88 евра. Иако ова е подобрување во однос на 2013 година, кога разликата била 16%, родовиот јаз во платите и понатаму е присутен низ цела Европа.
Најголем јаз во платите е забележан во Летонија (19%), додека Австрија и Чешка имаат разлика од 18% и 17%. Во пракса, тоа значи дека жените во Летонија во просек заработуваат само 81 евро на 100 евра што ги добиваат мажите. Од друга страна, во Луксембург жените заработуваат дури 0,7% повеќе од мажите – единствен таков случај во ЕУ. Белгија, Италија и Романија исто така имаат мали разлики во платите, помали од 5 евра на секои 100.
Каква е состојбата во најголемите европски економии?
Родовиот јаз останува значаен во најголемите економии во Европа, освен во Италија. Во Германија, жените заработуваат 82 евра за секои 100 евра на мажите, во Велика Британија 86 евра, а во Франција 88 евра. Шпанија е блиску до просекот на ЕУ со 91 евро, додека Италија е меѓу земјите со најмала разлика – жените таму заработуваат 98 евра на секои 100 евра на мажите, пренесува Euronews.
Зошто жените заработуваат помалку?
Европската комисија идентификува четири главни причини за родовиот јаз во платите:
- Жените се почесто вработени во помалку платени сектори – Околу 24% од разликата во платите доаѓа од фактот дека жените почесто работат во помалку платени индустрии како што се здравството, образованието и негата. Овие професии системски се потценети.
- Нееднаква распределба на платената и неплатената работа – Жените во просек работат повеќе часови неделно од мажите, но голем дел од тоа време е посветено на неплатени обврски како што се домашните работи и грижата за семејството. Се проценува дека жените би требало да работат дополнителен месец и половина годишно за да ја надоместат разликата во платите.
- „Стаклениот таван“ – Жените сè уште се слабо застапени на лидерски позиции. Помалку од 10% од директорите на големи компании се жени, а во медиумите само 27% од главните уредници се жени, иако тие сочинуваат 40% од новинарите во анализираните земји.
- Дискриминација во платите – Во некои случаи, жените и понатаму заработуваат помалку од мажите за истата работа, без јасно оправдување. Европската комисија истакнува дека поголемиот дел од родовиот јаз во платите не може целосно да се објасни со фактори како што се образованието, работните часови или секторот на вработување.
Како може да се реши овој проблем?
Европската унија воведува Директива за транспарентност на платите, која има за цел да помогне во откривањето на неоснованите разлики во платите. Поголемата транспарентност ќе им овозможи на работниците подобро да разберат како се формираат платите и да ги идентификуваат неправедните разлики.
Покрај платите, родовата нееднаквост е забележлива и во стапката на вработеност. Во третиот квартал од 2024 година, стапката на вработеност во ЕУ изнесувала 80,9% за мажите и 70,9% за жените, што значи дека родовиот јаз во вработувањето е 10 процентни поени. Во некои земји, како Турција, Италија, Грција и Романија, оваа разлика надминува 18 процентни поени, што укажува на дополнителни бариери за жените на пазарот на трудот.
Иако има одреден напредок, родовата нееднаквост во платите и вработувањето останува сериозен предизвик низ Европа.