
Сè поголем број граѓани и посетители на Скопје се жалат дека при користење на такси превоз, особено од главните сообраќајни точки како автобуската и железничката станица, се соочуваат со нереално високи цени.
Проблемот со нерегистрираните, таканаречени „диви таксисти“, ескалира, а надлежните институции засега немаат доволен одговор на оваа појава.
Без таксиметар, но со висока цена
Дел од таксистите кои не се регистрирани работат по свој систем – наместо да ја наплаќаат услугата според таксиметар, тие одредуваат цена според сопствена проценка или со помош на мобилни апликации за навигација.
Ова често резултира со двојно или тројно повисоки суми во споредба со регуларните тарифи.
„Се симнав од автобус на главната станица и веднаш ми пријде човек кој наликуваше на таксист. Ми кажа дека до Карпош ќе ме однесе за 600 денари. Јас знам дека таа релација обично чини околу 200 денари, но тој инсистираше дека тоа е ‘специјална ноќна тарифа’. Не прифатив, но многу туристи и луѓе кои не се од Скопје веројатно немаат друг избор“, раскажува Јованка, жителка на Велес.
Туристите – најголема мета
Најчеста жртва на дивите таксисти се странските туристи. Неупатени во локалните цени, тие најчесто прифаќаат такси превоз без да се информираат однапред, што ги чини скапо.
„Дојдовме од Србија и првпат сме во Скопје. Таксистот ни побара 2.500 денари за возење од аеродромот до центарот на градот. Подоцна дознавме дека регуларните такси служби наплаќаат околу 1.500 денари за истото. За жал, немавме претходна информација“, сведочи Александар, турист од Белград.
Додека граѓаните постојано пријавуваат вакви случаи, институциите се чини дека немаат доволен механизам за справување со оваа појава.
„Контролите постојат, но проблемот е што овие луѓе работат многу брзо и често ја менуваат локацијата. Ние казнуваме кога ќе ги фатиме, но тие веднаш продолжуваат на друго место“, брифираат надлежните
Како да се заштитите?
Граѓаните и посетителите можат да избегнат непријатни искуства ако внимаваат на неколку важни работи:
- Користете официјално регистрирани такси возила – тие мора да имаат жолти таблици и јасно означен број на такси возило.
- Барајте таксиметарот да биде вклучен – ако возачот одбие, најдобро е веднаш да се симнете од возилото.
- Договорете ја цената однапред – особено ако доаѓате од аеродром или патувате на подалечна релација.
- Користете апликации за такси – голем број регистрирани такси компании имаат свои апликации преку кои можете однапред да ја знаете цената.
Проблемот со дивите таксисти во Скопје не е нов, но очигледно станува сè поголем. Додека граѓаните бараат решенија, останува на надлежните институции да покажат поголема ефикасност во справувањето со оваа нелегална практика.