
Новата анализа покажува дека најмалку еден од пет луѓе на глобално ниво чувствувал силно влијание на климатските промени секој ден во последните три месеци, од декември 2024 до февруари 2025 година.
Според научниците од Climate Central, независна група зад студијата, екстремните горештини беа најпродорниот ефект на климатските промени ширум светот оваа зима. Според Индексот за климатски промени на групата, „силното“ влијание се чувствува кога климатските промени ги прават условите најмалку два пати поверојатни.
Ризиците по здравјето поврзани со топлината се зголемија за милијарди луѓе. Научниците велат дека речиси 394 милиони луѓе во последните три месеци доживеале 30 или повеќе денови ризична топлина додадена од климатските промени. Повеќето од овие 394 милиони луѓе или 74% живеат во Африка.
Ризичните топлотни денови се дефинирани како оние со температури повисоки од 90% од температурите забележани во локалното подрачје од 1991 до 2020 година. Ризиците по здравјето поврзани со топлината се зголемуваат кога температурите се искачуваат над овој локален праг, делумно поради тоа што луѓето не се подготвени. Во половина од анализираните земји (110 од 220), просечниот човек доживеал температури под силно влијание на климатските промени најмалку една третина од сезоната (30 дена или повеќе).
Според Climate Central, последните три месеци беа потопли од нормалното за 42 од 43 земји во Европа. Русија, дом на повеќе од 145 милиони луѓе, доживеа највисока просечна температурна аномалија од 3,1°C над нормалата 1991-2020 година. Балтичките земји беа блиску зад неа, а Литванија и Летонија забележаа температури за 2,8 °C повисоки од нормалните, а по неа е Естонија со 2,7 °C.
Во овој период, повеќе од 9,4 милиони луѓе во четири земји доживеаја дневни просечни температури кои беа под силно влијание на климатските промени најмалку една третина од сезоната. Малта ги доживеа најненормално топлите денови (34), веднаш пред Норвешка и Естонија (и двете по 32) и Летонија (31).
На ниво на градови, води Лонгјарбјен во Свалбард. И останатите топ 10 градови со највисоки просечни температурни аномалии се во Источна Европа. Или редоследно: Вилнус (Литванија), Минск (Белорусија), Талин (Естонија), Рига (Латвија), Хелсинки (Финска), Харков (Украина), Сараево (Босна и Херцеговина), Киев (Украина) и Кишињев (Молдавија).
Извор: trn.mk