
Купувањето овошје и зеленчук во Скопје е навика што го одразува начинот на живот на различни генерации.
Додека пензионерите со години ја задржуваат традицијата да одат на пазар, младите сè почесто ја избираат удобноста на супермаркетите.
Дали навистина пазарите нудат подобри цени и квалитет, или супермаркетите се попрактичен избор за современиот начин на живот?
Пензионерите со количките на пазар – навика што не се менува
Секој вторник и петок, познатите пазарни денови, скопските пазари се полни со пензионери кои внимателно ги одбираат производите.
Со торбите во раце и со количките за пазарење, тие трпеливо ги разгледуваат тезгите во потрага по најдобрата цена и најсвежите производи.
„На пазар одам од млада возраст, така ме научија родителите. Знам од кого купувам, одам кај истиот продавач со години, и секогаш добивам поповолни цени. Плус, знам дека овошјето и зеленчукот што ги купувам се свежи и од домашно производство“, вели Снежана Нојиќ, 72-годишна пензионерка од Карпош.
За пензионерите, времето не е толку важен фактор. Тие имаат доволно простор во денот да прошетаат низ пазарот, да се информираат за цените и да одвојат време за разговор со продавачите, кои ги третираат како редовни муштерии.
Младите ја одбираат брзината на супермаркетите
За разлика од пензионерите, младите луѓе го вреднуваат секој момент од својот ден и повеќе се потпираат на супермаркетите, каде што можат да ги најдат сите потребни производи на едно место.
„Многу ретко одам на пазар. Работам по цел ден, а после работа немам време да шетам низ тезги и да споредувам цени. Во супермаркет влегувам, земам што ми треба и излегувам за десет минути“, вели Дарко Финовски, 32-годишен вработен во приватна компанија.
Некои млади имаат забелешки и на тоа што на пазар нема секогаш можност сам да го одбереш најдобриот производ.
„Во маркет можам да си го изберам овошјето што ми изгледа најдобро. На пазар ти дава продавачот и не секогаш е тоа што сакаш“, додава Дарко.
Каде е поевтино, а каде поквалитетно?
Мислењата на граѓаните се поделени. Додека пазарите вообичаено нудат поевтини производи, особено за оние кои се редовни купувачи, супермаркетите обезбедуваат поголем комфор и избор.
„Цените се слични, но на пазар можеш да се ценкаш и да добиеш попуст, особено ако купуваш повеќе. Во маркетите цените се фиксни и нема преговарање“, објаснува Крешник, продавач на пазар во Чаир.
Од друга страна, маркетите ги привлекуваат потрошувачите со акции и попусти, што ги прави одредени производи подостапни.
„Кога има попусти, некои овошја и зеленчуци можат да бидат дури и поевтини отколку на пазар“, вели Дарко.
Пазарите и супермаркетите – прашање на приоритети
Во крајна линија, изборот помеѓу пазарите и супермаркетите зависи од тоа што секој поединец смета за поважно – цената, квалитетот или времето.
Додека постарите генерации остануваат верни на пазарите, каде што имаат доверба во продавачите, младите ја избираат удобноста на маркетите, каде што можат брзо да пазаруваат без многу размислување.
Без разлика на изборот, едно е сигурно – пазарувањето останува дел од секојдневието, а навиките на купувачите продолжуваат да се менуваат со текот на времето.