
За да се поттикне имиграцијата, властите во италијанскиот регион Трентино планираат да воведат стимулации. Така, купувачите на недвижности ќе можат да сметаат на финансиски средства кои ќе покриваат најмалку една шестина од куповната цена или 40 отсто од трошоците за реновирање на имотот.
Речиси сите европски земји имаат проблеми со демографијата, но во исто време и со недостаток на простор за домување. Додека некои развиваат стратегии и менуваат закони, други нудат различни форми на стимулации.
Во изминатата деценија и пол, Италија стана позната по своите евтини куќи. Но, во северниот планински регион Трентино, тие одлучија да им платат на имигрантите да купуваат и реновираат недвижен имот.
Секој што ќе го потпише договорот ќе мора да живее таму 10 години или да го изнајми имотот во тој период, во спротивно ќе треба да ги врати парите. Не се мали сумите. Имено, за купување на имот ќе можете да добиете 20.000 евра, а за реновирање уште 80.000 евра.
Сеопфатен план
Оваа мерка која наскоро треба да стапи во сила ја разгледуваат 33 места кои имаат повеќе празни и запуштени имоти отколку населени. Тоа е дел од италијанскиот план за борба против депопулацијата на руралните области. Со оваа цел, создаден е фонд вреден 30 милиони евра, од кој средства ќе одат за општините со помалку од 5.000 жители, кои трпат економски и социјални последици поради иселувањето, пишува Си-Ен-Ен.
Но, наместо да нуди куќи за евро, како јужните италијански провинции, Трентино одлучи да одвои 10 милиони евра во следните две години за да го поттикне купувањето и реновирањето на постоечките имоти. Тие се надеваат дека ќе ја разбудат градежната индустрија и синџирите на снабдување.
„Целта е да се ревитализираат локалните заедници и да се промовира територијалната кохезија“, рече Маурицио Фугати, претседател на Тренто, на настанот на кој го презентираше проектот.
Има и ограничувања.
Заедно со стимулации, има и ограничувања. Иако не е утврдена максималната куповна цена, на новите сопственици им е дозволено да потрошат најмногу 200.000 евра за реновирање или 120.000 евра за купување на имотот. Ова ќе овозможи стимулациите да покриваат најмалку една шестина од цената на имотот, или 40 проценти од трошоците за развој.
Секој купувач може да преземе најмногу три имоти, а на лицата помлади од 45 години кои веќе живеат во регионот им е забрането да се пријават на конкурсот. Проектот е наменет исклучиво за купување и развој на запуштени, па дури и опасни имоти.
„Иницијативата е наменета за оние општини кои според статистичките анализи претрпеа значителна загуба на населението во последната деценија. Тоа се територии кои, иако задржале силен културен и пејзажен идентитет, доживеале прогресивно намалување на населението. Многу од овие села се наоѓаат во планински или долински контекст, каде секојдневниот живот може да биде покомплексен поради оддалеченоста од главните услуги“, рече Никола Теофило, кој пишува за веб-страницата за недвижности Immobiliare News.
Сепак, треба да се напомене дека првичната листа на заедници заинтересирани за овој проект може да се промени доколку интересот за купување недвижен имот е слаб или ако нема доволно имоти на пазарот кои ги исполнуваат критериумите.