
Во Мотоцентар, тимската работа и посветеноста се основни вредности што ги обликуваат секојдневните предизвици и успеси. За да ја доловиме атмосферата во компанијата, разговаравме со двајца долгогодишни членови на тимот – Драган Грбевски и Златко Насевски. Тие споделија како изгледале нивните први работни денови, како се развивале низ годините и што ги мотивира да останат дел од овој динамичен колектив.
Во ова интервју, ќе дознаеме како изгледаат првите чекори во Мотоцентар, кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат вработените и што ги прави лојални на компанијата со години.
Златко: Се сеќаваш ли кога дојде во Мотоцентар и како изгледаше твојот прв работен ден?
Драган: Се сеќавам многу добро! Дојдов во Мотоцентар во февруари, сега веќе далечната 2009-та година. Интересно е што пред тоа, неколку месеци порано, бев на интервју, но тогаш не бев примен. Потоа, по некое време, добив повик од Управителот – Генералниот менаџер, кој ме покани на разговор. Немаше долго убедување – само ми кажа дека компанијата е подготвена да ми даде шанса. Јас без размислување ја прифатив можноста и така започна мојата приказна во Мотоцентар.
Златко: И сигурно првиот ден беше полн со различни емоции?
Драган: Апсолутно! Првите денови секогаш носат мала трема, нова средина, нови лица... Но, истовремено беше и многу интересно, бидејќи запознав луѓе со кои денес не само што сме колеги, туку и добри пријатели.
Драган: А ти? Кој беше твојот прв впечаток за тимот и компанијата?
Златко: Иако поминаа многу години, тие моменти ми останаа во сеќавање. Кога влегов во сервисот, сите ме пречекаа со насмевка и искрено добредојде. Таквиот прием, полн со позитивна енергија, ми даде дополнителна сигурност дека сум на вистинското место и дека направив добар избор што станав дел од Мотоцентар.
Златко: Дали кога се придружи на тимот имаше искуство слично на ова? Што работеше претходно?
Драган: Немав претходно искуство во оваа бранша, но бидејќи работев на рецепција во хотел, имав солидно познавање на административното работење, комуникација со клиенти и компании.
Драган: А ти? Колку што знам, и ти доаѓаш од сосема друга бранша?
Златко: Точно! Моето претходно искуство беше во авијацијата, што е сосема различна индустрија. Дисциплината, обуките за справување со проблеми и комуникациските вештини што ги стекнав таму многу ми помогнаа во организирањето и напредокот на сервисот. Но, тимскиот дух во Мотоцентар од самиот почеток ми помогна да се вклопам и лесно да ги надминам предизвиците.
Златко: Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочи кога започна да работиш овде?
Драган: Не би можел да издвојам само еден предизвик. Секој проект, секое подобрување на процесите, секој чекор напред беше предизвик. Се сеќавам, на почетоците имавме само два објекти – во Маџари и во стариот објект во Кисела Вода. Немавме централен систем за следење на залихите, па беше предизвик да развиеме систем кој ќе ги обедини сите податоци. Со тимска работа и посветеност, успеавме да го реализираме тоа. Развојот на таков програм беше предизвик не само за мене туку и за целиот тим, но резултатот на крај доведува до тоа да заборавиш на сите предизвици и проблемчиња кои се составен дел ос спроведување на секоја новина.
Драган: А ти? Како се справи со твоите предизвици? Имаше ли поддршка од тимот?
Златко: Секако! Еден од најголемите предизвици беше зголемувањето на продажбата во продажно-сервисниот центар во Момин Поток. Таму сум веќе 15 години – буквално од самиот почеток. За да успеам, морав да ја научам индустријата, да поставам нови процеси и да го мотивирам тимот. Поддршката од менаџментот и колегите ми помогна многу во тие моменти.
Златко: Дали твојата работна позиција денес е различна од онаа на која започна? Како се промени твојата улога?
Драган: Да, започнав како Office Manager, а веќе 10 години сум Operative/Facility Manager. Со растот на компанијата, се зголемуваа и одговорностите. Генералниот менаџер ми даде целосна доверба за одредени задачи, а со мојата посветеност и желба за учење, успеав да се развијам професионално.
Драган: Според тебе, што е клучно за напредок во Мотоцентар – искуство, желба за учење или нешто трето?
Златко: Желбата за учење, упорноста и посветеноста. Тие се најважни за успехот.
Златко: Кој момент со тимот ти е најинтересен или најзабавен?
Драган: Кога станува збор за работата, дефинитивно секој предизвик за нешто ново, за подобрување на одреден процес, реализирање на идеја, развој итн. ми е интересен и забавен, но и неформалните дружења со колегите се незаборавни!
Драган: Ајде да видиме дали ќе се сложиме – ако треба со три збора да го опишеме тимот, кои би биле тие?
Златко: Лојални, исполнителни и продуктивни.
Златко: Што би му препорачал на некој што сега започнува во Мотоцентар?
Драган: Дојди, почни и нема да зажалиш! Доаѓаш во сериозна компанија, компанија која што ги почитува своите вработени, без разлика на која позиција работат и секако го препознава трудот и лојалноста на своите вработени. Компанија која е лидер во својата индустрија и е бренд.
Драган: А што би си кажал самиот на себеси ако можеше да се вратиш на твојот прв ден во компанијата?
Златко: „Храбро, Зале! Овде ќе напишеш успешна приказна за тимот, компанијата и за себе лично!“ По 12 години, единствената промена е што имам помалку црни влакна на косата! (се смее). Не верував дека кон оваа работа и овој тим толку ќе се приврзам, се што се случува овде, секој член од тимот го чувствувам многу близок и навистина сум приврзан кон самата локација, истата е препознатлива на пазараот и успешна во своето работење. До пред некое време успешно работев на позицијата Раководител на продажно сервисниот центар во Момин поток, а од пред некој месец сум на позиција Key Account Manager за флотна продажба.
Златко: Што е она што те прави среќен во Мотоцентар и зошто си лојален толку години?
Драган: Среќен ме прави моментот што сум дел од една успешна компанија со која што и јас растев и се развивав како личност.
Среќен ме прават моменти кога ќе се потсетам дека сум бил дел во одредени процеси за развој и подобрување на компанија и што сум дел од историјата во развојот и унапредувањето на Мотоцентар.
Среќен ме прави тимот на Мотоцентар, колегите, менаџментот.
Лојален сум затоа што сум среќен.
Лојален сум затоа што компанијата ми овозможи личен развој и напредок.
Драган: Ти секогаш си насмеан и позитивен на работа. Од каде ја црпиш таа енергија и што ќе им препорачаш на колегите за да бидат мотивирани?
Златко: Позитивниот пристап кон работите е нешто што е движечка сила и приватно и професионално, така е сè полесно. Јас по природа сум комуникативен, насмеан и позитивен и се стремам кон сè да имам таков позитивен пристап.
Секако во работата се соочуваме со сериозни предизвици кога не можеме да бидеме насмеани, но позитивниот став помага да се решат проблемите полесно, дури и оние најкомплексните. Позитивниот пристап кон работите е клучот! Да, има тешки моменти, но со добра енергија и тимска поддршка, сè се надминува полесно. Утринското кафе со колегите, успешните резултати, искреното „благодарам“ од тимот – тоа ме прави среќен и мотивиран секој ден.
Секого го мотивираат различни работи, не можеме да го генерализираме тој дел затоа што сите ние како индивидуи сме различни, но сум забележал она што на секого може да му го “направи денот” и да го расположи е искрено. Благодарам од страна на колегите и претпоставените, како и пофалбата за добро сработена работа.
Преку овој разговор, станува јасно дека во Мотоцентар не се работи само за професионален развој, туку и за создавање трајни пријателства, тимска поддршка и можности за напредок. Со силна корпоративна култура и визија за иднината, оваа компанија останува посветена на своите вработени и нивниот успех.
Доколку сакате да бидете дел од Мотоцентар, аплицирајте на некоја од слободните работни позиции:
Комерцијалист
линк за повеќе детали и аплицирање
Сервисери/Автомеханичари - Скопје (Момин поток)
линк за повеќе детали и аплицирање