
Туристичката сезона во познатото албанско летувалиште Ксамил започнува со непријатно изненадување за посетителите од Македонија и од регионот.
Во споредба со минатата година, цените на храната во рестораните и кафулињата оваа сезона ќе забележи раст од околу 20%, а тоа предизвика незадоволство меѓу туристите кои велат дека летувањето во Албанија нема повеќе да биде „евтино задоволство“.
За само еден килограм мешано месо од скара, посетителите ќе мора да издвојат околу 2.200 леки, односно близу 1.200 денари.
Омилената порција на младите, пилешко филе со помфрит, ќе се продава по цена од 650 леки (околу 350 денари).
Морската храна, која е главен специјалитет во приморските ресторани, сега ќе чини најмалку 800 леки за тестенини со морски плодови, или околу 450 денари.
Најголемо изненадување, сепак, ќе бидат цените на појадокот и на десертите. Дури и наједноставниот утрински оброк, како две варени јајца со парче сирење, сега ќе достигне цена од 350 леки, односно 200 денари, а една обична крофна ќе се наплаќа 200 леки, или околу 115 денари.
Угостителите велат дека поскапувањето не е нивен избор, туку последица од општото покачување на цените во Албанија.
„Цените на сите производи кои ги користиме во рестораните, како месо, млечни производи и зеленчук, се драстично повисоки во споредба со минатата година. Ние сме приморани да ги покачиме цените за да можеме да продолжиме со работа и да задржиме квалитет“, тврди Арбен, сопственик на ресторан на плажата во Ксамил.
Покрај храната, поскапување е најавено и на другите услуги, како сместувањето и лежалките на плажа.
„Минатата година плаќавме по 700 денари за две лежалки со чадор, а сега истата услуга ќе чини над 1.000 денари. Уште еднаш ќе размислиме пред да одлучиме дали таму да го поминеме одморот“, коментира Сања Ѓоргиева од Куманово, која веќе неколку години летува во Ксамил.
И покрај зголемените цени, Ксамил и годинава очекува илјадници туристи од Македонија, Србија, Косово и регионот, кои велат дека, иако поскапо, местото сè уште е атрактивно за летување поради кристално чистото море и уникатните плажи.
„Поскапувањето нема да нè одврати целосно, но сигурно ќе мораме да внимаваме колку и каде трошиме. Сепак, убавината на Ксамил е нешто посебно“, додава Маријан Ангелески од Битола.
Според експертите, можно е овој тренд на покачување на цените дополнително да продолжи и следните години, особено ако побарувачката за Ксамил остане висока.
Во меѓувреме, туристите се соочуваат со реалноста дека некогаш евтината Албанија веќе не е толку евтина.