Многу компании и регрутери се свртеа кон LinkedIn како извор број 1 за ангажирање на врвни таленти.
Всушност, 87 отсто од регрутерите ја користат социјалната мрежа за професионалци LinkedIn за да пронајдат квалитетни кадри.
Ова е одлична вест за вас, бидејќи тоа значи дека, со правилно сетирање, вашиот профил на LinkedIn може да стане пасивен генератор на нови можности.
Меѓутоа, ако вашиот профил изгледа како сите други, вашите шанси да бидете контактирани од страна на регрутерите се значително помали.
Остин Белчак, основач на CultivatedCulture.com кој им помага на луѓето да најдат работа и да заработат повисока плата, за Бизнис Инсајдер вели дека оптимизирањето на LinkedIn профилот може да доведе до интервјуа во голем број компании, како и понуди за вработување со повисока плата.
Тој споделува три најчести грешки што повеќето професионалци ги прават кога станува збор за личниот маркетинг на LinkedIn.
1. Вашето резиме е без цели
Резимето на еден LinkedIn корисник содржи многу звучни зборови (тимски играч, мотивиран, љубопитен, иновативен итн.) кои ги генерира системот, меѓутоа ова е голема грешка.
Кога регрутерите ги скенираат профилите на LinkedIn, тие не бараат само квалификувани кандидати. Тие, исто така, бараат луѓе чија визија се совпаѓа со визијата на компанијата и позицијата за која тие регрутираат.
Ако под вашиот профил стои “мотивиран, ориентиран кон цели и секогаш подготвен да им помогне на другите“, тој ќе изгледа исто како и 99% од профилите таму. Наместо тоа, користете го тој простор за две работи:
- Краток преглед на мерливите вредности што ги носите во себе
- Изјава за она што го барате во вашата кариера (ако имате проблем со ова, обидете се да дадете одговор на следното прашање: “Што сакам да направам понатаму?“)
На пример, доколку сте клиент-менаџер во одделот за веб-услуги во Амазон – позиција која бара да управувате со луѓе, овие два дела треба да изгледаат вака:
Во моментов е одговорен за клучните клиенти за Amazon Web Services, одржувајќи просечен раст од 15 проценти.
Целам кон позиција од која ќе можам да водам тим и да ги научам другите како ефикасно да управуваат и да развиваат постоечки бизнис.
Сега, кога регрутерот ќе дојде до вашиот профил, ќе увиди што правите во моментов и што сакате да правите во иднина. Ако тоа се совпаѓа со отворената позиција во неговата компанија, бидете сигурни дека ќе ве контактира.
2. Вашиот профил не содржи мерливи резултати
Над 90 отсто од профилите на LinkedIn им недостасува една иста работа: квантитативни резултати.
Еве еден исечок од нечиј профил кој има долгогодишно работно искуство во индустријата, управувал со тим од неколку луѓе и бил одговорен за неколку клучни сметки на компанијата:
- Одговорен за управување, стратешко лидерство и профитабилност на клучните сметки;
- Сорабокта со клиенти во процесот на дефинирање на стратегии и цели како што е мерење на перформанси;
- Давање сугестии за раст и идентификување на одделни деловни можности;
- Надзор на различни тимови кои извршуваа рутински задачи за управување со сметки;
- Спроведување процес на отворање на нови сметки и учество во преговори и up-sale можности;
Што му кажува ова на потецијалниот работодавач? Апсолутно ништо!
Ако не беше напишана подточката за надзор на тимови, ова резиме изгледа како да припаѓа на некој што е почетник во индустријата.
Погледнете како би излгедал описот на работното место кога во себе содржи мерливи резултати.
Дадов придонес за надминување на годишната квота за раст на сметката за 457% (#1 во мојот оддел), одговорен за 80% од up-sеling-от во Q4 од 2014,. Учествував во креирањето на внатрешна група посветена на SEO оптимизација и генерирање на нови ‘лидови’. Го зголемивме сообраќајот за 30%, а конверзиите скокнаа за 117% во период од три месеци со ограничен буџет. Добитник сум на годишната награда на компанијата за почитување на вредностите, како и за најголемиот продажен договор во годината.
Па, кој од овие двајца луѓе би сакале да го повикате на интервју?
Не плашете се да ги прикажете резултатите во вашиот профил – многу поголеми се шансите регрутерите да допрат до некој кој им дава конкретни докази за високи перформанси.
3. Не ја користите платформата како личен ролодеск
Дали ви е преку глава од постојано аплицирање на огласи надевајќи се дека токму вие ќе бидете избрани од купот со кандидати?
Ако е така, не сте сами!
Во просек, за една отворена позиција во компанија со добар углед пристигнуваат околу 250 апликации. Околу 75% од овие апликации доаѓаат од веб страници за барање работа. Откако ќе се поднесат, апликациите поминуваат низ софтвер за следење на апликации којшто ги скенира по клучни зборови за да ги најде профилите со најмногу совпаѓања. На крајот од процесот, само десетина апликации доаѓаат до рацете на регрутерот, а тоа се само 4% од вкупниот број на пријави.
Што ако ви кажеме дека постои директен начин за вашето CV да се најде во рацете на регрутерот?
LinkedIn е неверојатно моќен ресурс кога станува збор за прескокнување на процесот за следење на апликации.
Да претпоставиме дека аплицирате за позиција за менаџирање на сметки во претставништвото на Google во Њујорк. Ако во полето за пребарување на LinkedIn внесете “Account Director + Google + New York” ќе го добиете профилот на лицето кое управува со овој сектор во Google. Испратете барање за поврзување и започнете да градите професионална врска.
Живееме во свет каде што 85% од работните места се пополнети преку вмрежување. Градењето на вистински односи со влијателни луѓе во вашата индустрија е најбрзиот начин за да се забрза вашиот раст.
Ако го користите LinkedIn само како дигитално CV, вие пропуштате стотици потенцијални можности за вработување.