Основното образование започнува од 4-6 години, во зависност од кантоните. Просечното времетрање е од 7-9 години. Првото ниво трае од 3-5 години, додека другите траат 3 или 4 години.
Учениците во Швајцарија одат на училиште пред и после пладне. Колку се постари толку попладневните часови се подолги. Напладне имаат пауза за ручек кој обично е од 11:40 до 13:40 часот.
Учениците чии родители работат можат да дојдат на училиште рано изутрина, односно во 7 часот, и таму да имаат појадок додека не започне наставата во 8 часот. Учениците можат да останат и на ручек за време на попладневните паузи. Цената на оброците зависи од примањата на самите родители, па така оние кои имаат пониски плати плаќаат помалку, додека оние кои имаат повисоки месечни примања плаќаат повеќе.
Доколку детете не дојде на училиште во закажаното време, тогаш не подоцна од 08:10 часот наставникот ќе се јави на родителите за да види зошто ученикот не е присутен на наставата. Ова се случува секој пат, без исклучок.
Во текот на еден семестар, родителот има право да земе половина слободен ден за своето дете, со претходна најава, или еден ден во текот на целата учебна година. Секое подолго отсуство (освен овој слободен ден) не може да биде одобрен од страна на наставникот, туку од директорот на училиштето.
Кога ученикот доаѓа на училиште, тој се поздравува и се ракува со наставникот, а истото тоа го прави и кога ја напушта училницата. На паузите и пред почетокот на часот нема врева од страна на учениците, а ѕидовите и паркетите на училниците се целосно зачувани. Децата уште од мали се учат дека зачувувањето на училишниот имот треба да биде на највисоко ниво.
Во двете полугодија постои недела во која родителите се поканети да го посетат училиштето и да присуствуваат на наставата. Тие можат да го изберат денот и часот или часовите кои им одговараат најмногу.
Никогаш не може да се знае успехот на другите деца во класот. Родителите секогаш ги гледаат оцените само на сопственото дете, заедничкиот просек на целото одделение и на кое место е нивното дете во однос на останатите. Се што наставникот има да пренесе тоа го прави во писмена форма, а родителот на крај добива копија од записниците од родителското собрание.