Во денешно време животот без мобилен телефон ретко кој може да го замисли. Некој има реална потреба од овој уред поради работни обврски, некој поради потреба и желба за комуникација, други поради навика… Но, што ќе се случи кога ќе заборавите каде сте го оставиле, сте го загубиле или ви го украле. Постојат неколку начини како може да се лоцира изгубениот или украден мобилен телефон.
Заклучување на телефонот со ПИН, шифра или отпечаток од прст, нудат поголема заштита и приватност, а во исто време го прават телефонот неупотреблив за потенцијалниот крадец. Како опција може да се користи и Google сметка, па доколку крадецот се обиде да го рестартира телефонот, нема да може да го активира повторно без ваше знаење и одобрување.
По правило не би требало да чуваат слики и лични податоци само на мобилниот телефон. Телефонски броеви, важни информации, приватни фотографии… сето тоа може да го сместите во таканаречен облак. Google, но и други технолошки компании нудат бесплатна можност за чување важни податоци во облак и овозможуваат нивно автоматско синхронизирање. Редовниот backup на екстерен диск или на друг “чувар“ на информации може да ви биде од голема корист доколку го изгубите телефонот. На тој начин, ќе успеете да ги задржите сите потребни информации, па ќе треба да се помирите само со помислата дека сте го загубиле омилениот уред.
Запишете го 15-цифрениот IMEI број од мобилниот телефон, производителот, моделот и бројот на корисничката служба на мобилниот оператор. Со овие информации полесно ќе може да се пријави загубен или украден телефон, а и да се блокира СИМ картичката за да не дојде до дополнителни трошоци. Доколку СИМ картичката е отстранета, а мобилниот телефон не е исклучен, постои можност за лоцирање преки IMEI бројот. Овој број може да се пронајде доколку се впише *#06#.
Со помош на Android device manager може да се пушти музиката на телефонот и на тој начин да се пронајде телефонот, доколку корисникот заборавил каде го оставил. Исто така, телефонот може да се лоцира преку GPS. Но, за да се искористат овие услуги, неопходно е телефонот да биде вклучен и да има пристап до интернет.