Луѓето кои се преселуваат во друга земја за работа заработуваат во просек дополнителни 21.000 долари годишно, според истражувањето спроведено од HSBC во кое се анкетирани 22.318 странски работници ширум светот.
Најголем финансиски бенефит носи преселбата во Швајцарија каде странските работници заработуваат околу 61.000 долари повеќе во однос на сумата што би ја заработиле за истата работа во својата земја.
Земји во кои странските работници се најмногу платени:
- Швајцарија
- САД
- Хонг Конг
- Кина
- Сингапур
- ОАЕ
- Индија
- Индонезија
- Јапонија
- Австралија
Речиси 60 отсто од испитаниците изјавиле дека истата работа се исплаќа повеќе во странство отколку дома. Но, околу 50 отсто кажале дека плаќаат и пониски даноци. Ова би можело да објасни зошто странските работници сакаат да работат на места како Хонг Конг и Сингапур, каде даноците на приход изнесуваат 15% или помалку. Инаку, Сингапур се смета за најдобро место за живеење и работа веќе четврта година по ред.
Според истражувањето на HSBC, од преселувањето во странство жените имаат поголема корист.
Просечниот приход на жените во странство се зголемува за 27 отсто за разлика од мажите каде порастот е само 23 отсто. Меѓутоа, жените почнуваат со многу пониска плата. Просечната годишна плата на странските работнички на глобално ниво изнесува 83.000 долари.