Во денешното деловно опкружување многу е важно да се биде достапен – па дури и кога нашето официјално работно време е завршено. Во некои професии не постои работно време, велат работодавците, но таквиот став може сериозно да му наштети на здравјето на вработените, покажаа германските истражувања.
Од 77 илјади испитаници, дури една половина работи кога ќе си дојде дома, а тоа може негативно да се одрази на здравјето. Така, истражувачите од Друштвото за работни, индустриски, организациски и психолошки истражувања потврдија дека лицата кои работат по работното време, во своето приватно време, како и за време на викендот, во голема мера страдаат од несоница, главоболка, замор, анксиозност, проблеми со мускулите, крвниот систем и желудникот.
„Нашето истражување сугерира дека дури и најмалата количина на дополнителна работа по договореното работно време може да доведе до здравствени проблеми. Врската е изразено силна“, вели д-р. Ана Арлингхаус, водач на студијата.
Нејзиниот тим повикува на морално однесување од страна на работодавците со цел тие да престанат да го нарушуваат приватното време на своите вработени.
„Технолошките напредувања создадоа култура „секогаш онлајн“ која врши притисок на луѓето бидејќи тие мораат постојано да бидат достапни. Слободното време без никаква работа е клучно за нашето тело да може да закрепне“, предупредуваат германските експерти.