Новиот електричен автобус за кој Градот Скопје пред неполни три месеци потпиша договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење, ќе сообраќа на линијата 15 во наредниве 6 месеци. Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени од ЕВН.
Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната презентација на новиот електричен автобус.
Во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2. - Вложувањето во јавен градски превоз кој е енергетски ефикасен и кој не го загадува воздухот е влог во создавањето здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари зашто Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат.
Свесни сме дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите за загадувањето, на долг рок – нагласи Шилегов. Градоначалникот Шилегов изрази благодарност до ЕВН што ги постави приклучоците за полнење на првата и последната станица на линијата на која ќе сообраќа електричниот автобус.
извор: емагазин.мк