Стресната работа во комбинација со неквалитетниот сон се поврзува со тројно поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни болести кај вработените со висок крвен притисок, заклучуваат научниците.
Од порано е познато дека стресот поврзан со работата не му мисли добро на организмот, а истото важи и за неквалитетниот сон. Стресот и недостатокот на сон водат кон различни видови на здравствени ризици, но за лицата со хипертензија оваа комбинација е уште поопасна.
Кај луѓето со висок крвен притисок кои се под стрес и немаат доволно сон ризикот од кардиоваскуларна смрт е тројно поголем, стои во најновата студија објавена во списанието European Journal of Cardiology.
Ако се на работа под стрес, спиењето ќе ви помогне да се опоравите од тоа. За жал, лошиот сон и стресот на работа одат рака под рака и кога се комбинираат со хипертензија, ефектот е уште потоксичен, изјави Карл Хајнц Ладвиг – еден од авторите.
Ова е прва студија која истражува на кој начин стресот на работата и лошиот сон допринесуваат за прерана смртност од кардиоваскуларни заболувања кај вработените со висок крвен притисок.
Студијата опфатила 1.959 вработени на возраст од 25 до 65 години. Сите имале хипертензија, но не развиле кардиоваскуларни болести или дијабетес. Во споредба со оние кои не вршеле стресна работа и спиеле добро, кај луѓето со овие два фактора на ризик забележана е три пати поголема веројатност за срцево заболување.
Кај лицата со стрес на работа, евидентиран е 1.6 пати поголем ризик од предвремена смрт, а кај оние со нарушување на спиењето, тој ризик е повисок за 1.8 пати.
Интересна е дефиницијата за стрес на работа: мошне тешка работа и мала контрола. Со други зборови, работни места со големи очекувања, но вработените немаат моќ да донесуваат одлуки.
Ако постојат високи очекувања, но и можност за контрола, тогаш вие можете да донесувате одлуки и тоа може да биде позитивно за вашето здравје, вели Ладвиг.
Но, ако сте заробени во стресна ситуација која не можете да ја промените, тоа носи негативни последици врз вашето здравје.
Како дефиниција за лош сон се наведуваат проблемите со спиење и одржување на континуиран сон.
Оджувањето на континуитет во спиење е најчестиот проблем кај луѓе кои имаат стресна работа. На нив може да им се случи да се разбудат за во тоалет во 4 часот наутро и да се вратат во кревет размислувајќи за тоа како да решат одреден проблем на работа, кажува Ладвиг.
Тој додава дека секоја од овие состојби е сама по себе ризичен фактор, а само физичката активност, здравата исхрана и релаксацијата можат успешно да им се спротистават.