На денот кога Европа го одбележува првиот официјален “Интернационален HR ден“, над 300 експерти, професионалци и ентузијасти од областа на човечките ресурси се собраа на едно место со цел разменување на досегашните искуства и стекнување на нови знаења во дејноста која секојдневно се менува – започна 11-тата меѓународна конференција за човечки ресурси која секоја година традиционално ја организира Македонската асоцијација за човечки ресурси.
“HR како катализатор на трансформативни промени“ е тема на овогодинешната 11-та по ред HR конференција која се одржува во луксузниот DoubleTree by Hilton во Скопје. Пред повеќе од 300 гости и предавачи од САД, Италија, Грција, Словенија, Словачка и Бугарија, конференцијата ја отвори претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Дарко Петровски, нагласувајќи ја значајноста на HR-от како двигател на сите трансформативни промени кои се случуваат во деловниот свет и дека токму вработените во човечки ресурси се тие што треба заеднички да го трасираат патот до овие промени.
Свое обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој ги посочи активностите кои неговото министерство ги презема со цел успешна трансформација на јавните институции и и’ се заблагодари на Македонската асоцијација за човечки ресурси за поканата да биде дел од најголемиот настан за човечки ресурси во земјата.
Како прв гостин-предавач на сцената настапи Џорџ Павлидис – Директор на програмите за пост-дипломски студии за невропсихологија во одделот за психологија на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, СИТИ Колеџ – Грција, кој во своето излагање го сподели неговото искуство во однос на предизвиците и можностите при справување со стареењето на работната сила – тема која е доста популарна во развиените земји од западниот свет.
Демографската промена предизвикана од стареењето на популацијата во Европа носи многу предизвици, но и уникатни можности во корпоративната средина низ целиот свет. За да се надминат овие предизвици, потребно е да се постават неколку краткорочни и долгорочни стратешки цели, како што се: подобро искористување на човечкиот капитал на постарите работници, спроведување на континуиран процес на професионален развој на работното место, имплементација на стимуланси за промоција на здравјето и повторно размислување за шемите за соработка пред и после пензионирање, смета Д-р. Џорџ Павлидис од Универзитетот Шефилд.
Оваа година, гости-предавачи на конференцијата се: Пино Меркури – HR Директор на Микрософт Италија, Данаил Канчев – Менаџер за бизнис операции во Reciept Bank и член на управниот одбор на Бугарската асоцијација за менаџмент со човечки ресурси, Марта Мајлона - Директор на Korn Ferry Advisory и поранешен претседател на Грчката асоцијација за менаџмент со човечки ресурси, Јана Репаншек – Директор на Center of Excellence in Finance (CEF), Аленка Брачек Лалич – Продекан на истражувачки постдипломски студии на IEDC-Bled School of Management и Патриша Меглич од Универзитетот во Небраска и професор на Економскиот факултет во Љубљана.
На специјална покана на Vrabotuvanje.com доаѓа Мирослав Дравецки – претставник од најголемиот словачки портал за вработување – Profesia. Дравецки ќе сподели корисни совети со HR менаџерите за тоа како да носат одлуки базирани на факти, наместо на чувства.
На конференцијата, предвидено е и време за 30-минутна панел дискусија во која ќе учествуваат Христина Лозаноска – Executive Coach и поранешен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Ивана Дојчиновска Стојановиќ – Директор за човечки ресурси во НЛБ Банка и Билјана Николовска Жагар – претставник од јавниот сектор.
HR Менаџер на годината
По завршување на конференцијата, Македонската асоцијација за човечки ресурси ќе ја додели наградата HR Менаџер на годината со цел да се препознае, признае, промовира и награди успехот на најпосветениот професионалец во делот на управување со човечките ресурси.
Vrabotuvanje.com како примарен избор на компаниите кои бараат вработени ќе додели награда за најатрактивен огласувач за 2018 година.