На 20-ти мај во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје се одржа 11-тата меѓународна конференција за човечки ресурси на која повеќе од 300 HR професионалци ги разменија своите ставови и искуства на тема “HR како катализатор на трансформативни промени“.
Конференцијата, освен со презентации од страна на реномирани HR експерти, беше одбележана и со панел дискусија посветена токму на важноста на HR-от како поттикнувач на промени во една организација.
На тркалезната маса, имаа можност своите ставови да ги разменат Христина Лозаноска – Executive Coach и поранешен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Ивана Дојчиновска Стојановиќ – директор за човечки ресурси во НЛБ Банка и Билјана Николовска Жагар – државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација. Ви ги пренесуваме најважните делови од нивната дискусија.
Процесот на трансформација започнува од горе надолу
“За да ги трансформираме другите, најпрво треба да се трансформираме себеси. Промените треба да се случат прво во највисокото ниво на менаџментот, а потоа да пенетрираат во целата компанија. Промената не треба да се третира како финитна категорија бидејќи таа е постојана и неминовна. Ако во минатото беше пракса HR процесите да се држат настрана од останатите бизнис процеси, денес тоа е поинаку. Ни доаѓа генерацијата Z за која многу малку знаеме и токму затоа треба да бидеме подготвени, а за да бидеме подготвени потребно е да се трансформираме, напомена Ивана Дојчиновска Стојановиќ, директор за човечки ресурси во НЛБ Банка.
Улогата на HR-от во јавните претпријатија
“Главен предизвик на јавниот сектор во нашата земја е како да ги направиме услугите до граѓаните побрзи, поедноставни и поефикасни, а ништо од тоа не може да се реализира без квалитетен човечки капитал. Работите се менуваат брзо, па затоа е потребно да бидеме флексибилни и да превземаме активности кои ќе ја зголемат довербата на граѓаните во јавните институции и ќе ги зајакнат нашите капацитети како јавен сектор. Долгорочната цел е јавните институции да се придвижат до стандардите на приватниот сектор“, истакна Билјана Николовска Жагар, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.
Зошто трансформацијата е важна за компаниите?
“За да одговориме на ова прашање, потребно е прво да одговориме на прашањето “Зошто топ менаџерите треба да не ислушаат кога им презентираме најразлични HR решенија?“. Деловниот свет секојдневно се менува благодарение на појавата на новите технологии, а со тоа расте и потребата за нови системи и процеси во компаниите. Во крајна мера, тоа значи и појава на потреба од нови компетенции на вработените и токму затоа е потребно еден бизнис да биде отворен кон промени и да се менува за да опстои во денешното турбулентно окружување. За развој на менаџери и успешно справување со промени се попопуларна метода станува користењето на бизнис коучинг, како во светот, така и во поголемите македонски компании, заклучи Христина Лозаноска – Executive Coach и поранешен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси.
Награди за компании ориентирани кон луѓето
Во рамките на 11-тата меѓународна конференција за човечки ресурси, Македонската асоцијација за човечки ресурси на седум компании им додели плакета за компанија ориентирана кон луѓето.
Добитници на оваа награда за 2018 година се НЛБ Банка, ТТК Банка, Хотел Парк, S&T, РСМ Македонија, Оне.Вип и Талент Бизнис Инкубатор STEP-UP.