Придобивките од возење велосипед во однос на возење автомобил се бескрајни. Секој зборува за нив, но кога станува збор за практичната примена на овој животен стил, може да биде проблем за некои. Еве неколку причини кои се доволно добри за да ве убедат во тоа вашиот велосипед да стане ваше основно средство за транспорт.
Покрај тоа што е докажано дека возењето велосипед го продолжува животот и носи многу придобивки за нашето здравје, познато е и дека ова е најеколошкиот начин за транспорт, велат од Health24.
Го продолжува животот
Во една студија која е спроведена во Данска во времетраење од 14.5 години и која опфати 30.000 луѓе, потврдено е дека луѓето кои возат велосипед во просек од 3 часа неделно успеале да го намалат ризикот од прерана смрт за 40 проценти во однос на луѓето кои не возеле велосипед.
Го намалува холестеролот
Во Австралија направена е студија под наслов “Велосипедизам 100“ во која од 100 вработени беше побарано да возат велосипед неколку дена во неделата. Во студијата, беше следена нивната здравствена состојба и истражувачите откриле дека нивниот HDL (добриот холестерол) се зголемил, додека нивниот LDL (штетен холестерол) е значително намален. Нивната здравствена состојба видно била подобрена и со тоа бил намален ризикот од срцев и мозочен удар.
Нема да имате проблем со паркинг
Денес е многу тешко да се најде соодветен паркинг простор, а плаќањето за паркинг е дополнителен трошок кој може да го оптовари вашиот буџет. Патувајќи на велосипед, можете ефикасно да избегнете утрински проблеми при барање паркинг со едноставно паркирање на вашиот велосипед во канцеларија.
Ја заштитувате животната средина
Светскиот ден без автомобили секоја година се одбележува на 22 септември, но ова не треба да биде единствениот ден кога ќе одите на работа со велосипед. Освен зачувувањето и подобрувањето на вашето здравје, на овој начин, исто така, ќе ја заштитите планетата од штетното загадување предизвикано од страна на автомобилите.