Невработеноста во САД се приближува до рекордно најниско ниво, а добри работници е многу тешко да се најде па затоа работодавците мора да понудат нешто поразлично за да ги задржат постојаните работници и да вработат нови.
Еден од начините да го направат тоа е да се воведе четиридневна работна недела, односно тридневен викенд.
Бил Кастелано, професор на Школата за менаџмент и работни односи на Рутгерс, вели дека понудената флексибилност ќе ја зголеми продуктивноста на вработените.
Тоа има позитивно влијание врз нивниот ангажман. Луѓето на кои ќе им понудите флексибилно работно време на некој начин сакаат да и возвратат на компанијата, вели тој.
Работодавците воведуваат четиридневна работна недела на различни начини
Додека некои работодавци одлучија да се работи по 10 часа неделно, четири дена во неделата, други го намалија обемот на работни часови на 32, наместо на 40. Некои пак воведуваат смени по 8 и 9 часа, со тоа што секој втор петок е неработен.
Без разлика на опцијата кои тие ќе ја изберат, поентата е секако да не се намалат платите на вработените, дури и ако навистина се скрати работната недела на 32 часа.
Така, софтверската компанија “Вајлдбит“ воведе скратена работна недела со четири работни дена по 8 часа. Она што започна како експеримент пред една година се покажа како добро за целата компанија па затоа менаџментот на компанијата одлучи трајно да ја сведе работната недела на четири работни дена.
Ја продолжувавме одлуката од квартал до квартал и кога после една година направивме ревизија на сработеното, сфативме дека сме направиле повеќе отколку што биле нашите реални можности и очекувања, вели Натали Нагел, директор и ко-основач на “Вајлдбит“.
Еден дополнителен ден за одмор им помага на луѓето да се одморат, така што во понеделник сите одвај чекаат да се вратат на работа, раскажува оваа директорка.
Иако некои вработени биле исплашени дека новите работни часови ќе влијаат на нивната работа, се покажало дека целата компанија научила да биде попродуктивна во дадените временски рамки.
“Работните задачи се исти, но сега работиме многу попаметно“, вели Нагел, додавајќи дека имаат само два тимски состаноци неделно во времетраење од 30 минути, а остатокот од времето целосно им е препуштено на вработените за да ја завршат својата работа.
Кога имате вработено фантастични луѓе, тие на работа даваат се од себе. Во такви ситуации, секој работодавач треба да каже: “Чекај, не сакаме да прегориш.“ Потребно е да размислуваме долгорочно бидејќи сакаме да ја имаме најдобрата верзија од секој еден вработен. Тоа не може да се постигне ако сте исцрпени или лути, вели Линдзи Гринволт, директор за човечки ресурси во една друга софтверска компанија која започна со програмата “Слободен петок“ уште во 2015 година.
Со текот на времето, програмата била малку по малку прилагодена на деловните потреби и е преименувана во флексибилен петок. Тие заклучиле дека тридневен викенд не може да си дозволи одделот за продажба бидејќи бизнисот диктира вработените во тој сектор да им бидат достапни на клиентите од понеделник до петок.
Сепак, со цел да се обезбеди фер систем за наградување, вработените во тој сектор имаат дополнителни бонуси и бенефиции кои ги немаат вработените од другите сектори кои не работат во петок.