Досега многу пати сме пишувале за кредитите, што претставуваат, какви видови има… Овој пат ќе се задржиме на битните работи што треба да ги имате предвид пред да го пополните кредитното барање во банка. Затоа, треба да го знаете точниот одговор на прашањата подолу:
Дали имам доволно пари или ќе морам со кредит?
Парите во денешно време претставуваат сериозен проблем, а секојдневните потреби тешко се задоволуваат само од тековните примања. Од таа причина, многумина одлучуваат да затворат некоја “дупка“ во семејниот буџет со помош на кредит. Но, пред да заминете во банка, добро проверете дали имате доволно сопствени средства, дали намената за којашто би го земале кредитот е економски оправдана и итна.
Колкава рата ќе отплаќам?
Добро размислете и направете калкулација за тоа колкава рата ќе треба да плаќате. Нејзината висина зависи од повеќе фактори: големината на кредитот, рокот на отплата, каматна стапка, учество (ако се работи за станбен кредит), хипотека… Со информативната пресметка ќе знаете колку од месечните примања ќе останат за преостанатите потреби на месечно ниво.
Каква и колкава ќе биде каматата?
Добро знаеме дека каматата е цената што банката ја наплаќа за позајмените средства што ги одобрува во форма на кредит. Фиксна или променлива? Тоа значи дали во текот на целиот период на отплата на кредитот, каматната стапка ќе биде идентична или ќе се менува во зависност од рокот и политиката на банката. Многу е важно да се утврди ефективната каматна стапка, бидејќи таа ја претставува реалната цена на кредитот и им помага на потенцијалните кредитобаратели полесно да ја согледаат цената на кредитите во повеќе банки и да ги споредат условите што ги нудат.
Кредит во денари или со валутна клаузула?
Кај првите кредити, вкупниот износ на долгот и месечната рата се изразени во денари и при промена на девизниот курс на денарот во однос на некоја странска валута нема да влијае врз висината на месечната рата, што е најголема предност во однос на кредитите со валутна клаузула. Кај нив, пак, целиот износ на кредитот и износот на ратата се изразува во странска валута, најчесто евра, а при исплата на кредитот и плаќањето на секоја рата се врши во денари.
Колкави се трошоците?
Банките при одобрување на кредитот, пресметуваат и одредени трошоци, како што се: нотарски, трошоци за упис на заложното право, трошоци за осигурување, за администрирање на кредитот и слично.
Кои документи се потребни?
Првиот контакт меѓу банката и кредитобарателот е преку барањето за кредит што ги содржи неговите лични податоци, податоци за вработување, за неговата имотно – финансиска состојба како и податоци за кредитот, потоа банките бараат и декларација за прием од Управата за јавни приходи за последните три месеци, М1/М2 образец и други документи во зависност од видот и висината на кредитот.
Услови за предвремено враќање на кредитот?
Иако можеби кога имате потреба од кредит, прво размислувате како ќе ги потрошите парите и како ќе го враќате долгот, сепак важно е да се информирате и за тоа дали ќе плаќате пенали или провизија ако имате можност пред време делумно или целосно да го отплатите кредитот.