Indeed.com ја рангираше Adobe како најдобра компанија за вработување според мислењето на вработените.
Ако ве прашаме која е највлијателната личност во вашата компанија, голем дел од вас ќе го именуваат извршниот директор. И тоа е разумен начин на размислување.
Истата претпоставка ја имал и Кори Едвардс како директор за корпоративни комуникации и социјални медиуми во Adobe, компанија број еден според изборот на вработените.
Сепак, Кори еден ден налетал на податок кој целосно го променил неговиот начин на размислување: кога станува збор за искуството на вработените, секојдневниот вработен е два пати подоверлив извор на информации од директорот на компанијата.
Тоа значи дека најдобрите амбасадори на вашиот бренд на работодавач – луѓето кои ќе ви помогнат да ги привлечете најталентираните кандидати во индустријата – се вашите вработени.
Трансформирање на вработените во бренд амбасадори
Новите погледи на Кори му овозможиле да ја лансира Програмата за социјална промена на Adobe која имаше цел да ги едуцира вработените како најдобро да ги користат социјалните мрежи и како да се трансформираат во бренд амбасадори. За да натера што е можно повеќе вработени да се приклучат во програмата, тој и неговиот тим создадоа кратко мотивациско видео за бенефитите од споделувањето на информации на социјалните мрежи.
Денес, над 30% од вработените во Adobe се обучени да споделуваат информации на социјалните мрежи без страв дека ќе направат или кажат нешто погрешно. Според едно независно истражување, вработените на Adobe се најактивни на социјалните мрежи во споредба со останатите технолошки компании.
Како му успеа тоа на Adobe?
Вработените кои успешно ќе ја завршат Програмата за социјална промена ги презема Натали Кеслер, раководител за employer branding во Adobe, која се труди да му биде дадена шанса на секој од нив да ја раскаже својата приказна во компанијата. Тоа е така бидејќи силниот бренд на работодавач гарантира значително повеќе апликации и поквалитетни кандидати.
Еве пет клучни начини како тимот на Натали успеа да ги трансформира вработените на Adobe во бренд амбасадори:
Поттикнување на вработените да го споделат своето искуство на Adobe Life
На почетокот, блогот Adobe Life имал околу 400 посетители месечно меѓутоа денес таа бројка изнесува неколку десетици илјади корисници. Целта на блогот е да се споделуваат приказни од зад сцената за тоа како е да се работи во Adobe од перспектива на вработен. Тоа вклучува интервјуа со вработени, стории, слики, видеа и твитови во живо.
Инспирирање и прославување на социјалното споделување
За да ги мотивира вработените да се вклучат во играта, Adobe ги прави работите забавни. На пример, тие често одржуваат натпревари. Одличен пример е конкурсот за дизајн на маички на кој се бараше од вработените да дизајнираат што значи Adobe Life за нив. Ова креираше многу реакции на социјалните мрежи, а маичките се продадоа во рок од само неколку дена.
Тимот на Натали, исто така, се труди често да ги потсетува вработените дека треба да го споделат своето искуство. Токму затоа хаштагот #AdobeLife е инкорпориран на секој настан за вработени што се одржува во компанијата.
Откако ќе почнат да споделуваат, Натали истакнува дека вработените сакаат да бидат признати за своите напори. Така, на неделна основа, тимот за комуникација го пребарува интернетот за фотографии и пораки кои вработените ги споделуваат со користење на #AdobeLife и ги нагласуваат најдобрите на дигитален дисплеј во секоја канцеларија. Оваа рутина ги охрабрува вработените да продолжат со споделување на своите искуства.
Креирање на специјална програма за бренд амбасадори
Во септември 2014 година, тимот за корпоративна репутација собра 21 вработен од 7 различни локации за учество во програмата за бренд амбасадори на Adobe. Вработените не се избрани по случаен избор. Повикани се вработени кои биле најактивни на социјалните мрежи и од нив беше побарано да ја раскажат својата автентична Adobe приказна.
Охрабрување на вработените да бидат активни на LinkedIn
Секој вработен е поттикнат да направи LinkedIn профил каде што ќе може да споделува информации за тоа што го работи во моментот, што учи и што е тоа што најмногу го инспирира во компанијата.
Adobe многу стратешки и сериозно му пристапува на LinkedIn кога треба да пополни некое работно место. За да помогнат да се рашири зборот и да се пополни отворената работна позиција, од менаџерите на тимовите често се бара да објавуваат информации за проектите на кои тековно работат со исклучок на работите кои се деловна тајна. Ова ја зголемува перцепцијата за брендот и го привлекува интересот на потенцијалните кандидати за она што се работи во Adobe.
Натали препорачува да идентификувате неколку клучни вработени и да ги замолите да бидат гласот на вашата компанија и постојано да објавуваат на LinkedIn.
Мотивирање на вработените да остават свој коментар на Glassdoor
Adobe не ги спречува вработените да зборуваат за своето искуство на Glassdoor. Платформата важи за голем извор на влијание, особено за пасивните кандидати. Пред да одлучат дали да аплицираат на оглас, тие задолжително ги читаат искуствата на поранешните вработени на Glassdoor. Позитивните критики ги охрабруваат кандидатите да дојдат во Adobe.
Што научивме од примерот на Adobe?
Никогаш не ја потценувајте моќта на евангелизмот на вработените. Не постои подобра реклама за условите за работа во вашата компанија од вашите вработени. Токму затоа е потребно да им ги обезбедите сите алатки што им се потребни за да станат ваши бренд амбасадори.