Во јужниот дел на Швајцарија се продаваат девет куќи, а нивната цена е поевтина од едно кафе.
Швајцарско планинско село планира да продаде неколку куќи по цена од еден швајцарски франк (помалку од едно евро) во обид да го обнови местото во близина на границата со Италија.
Се работи за најјужниот швајцарски кантон Тичино, кој има намера да го оживее малото селце со продажба на куќи по симболична цена.
На располагање се девет камени куќи, а по склучувањето на договорот, купувачите се обврзани да ги реновираат според тамошните прописи. Куќите се лоцирани во планинската област со поглед на езерото Маџоре и истите се вклучени во водоводната мрежа, што значително го олеснува нивното реновирање.
Според она што може да се најде на интернет, селото било “скоро целосно напуштено во 70-тите години на минатиот век, но сепак успеало да ја задржи својата оригинална структура со традиционални архитектонски елементи“.
Локалните власти планираат да изградат и колиба за планинари и велосипедисти во обид да ги привлечат луѓето во оваа област.
Ова е само една од низата акции што локалните власти на напуштените средини ги преземаат за да ги спасат своите села и градови од исчезнување.
На многу сличен начин постапија и властите на Сицилија, на неколку грчки острови и во Шпанија.