Договорот за вработување може да биде склучен на определено (чие траење е однапред определено) и неопределено време (чие траење однапред не е определено).
Истиот се склучува во писмена форма, а примерок од склучениот договор му се врачува на работникот на денот на потпишувањето на договорот за вработување.
Според членот 46 од Законот за работни односи, договорот за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до 5 години.
Како продолжение на ова, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот погоре, под услови и на начин утврдени со закон.
Ставот 4 од истиот член вели дека по исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од 5 години, ако работникот работи повеќе од 2 години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.