Просечната температура на едно кафе надминува 70 Целзиусови степени кога се става во чаша.
Чашите од бамбус се популарни затоа што се еколошки и за разлика од пластичните, можат да се употребуваат повеќе од еднаш. Малкумина знаат дека овие чаши се исто така и штетни по здравјето.
Најновите истражувања открија дека кафето испиено од чаша од бамбус содржи значителна количина меламин. Германскиот магазин за тестирање потрошувачи "Stiftung Warentest" открил дека повеќе од половина од бамбус чашите кои биле тестирале содржеле траги на штетна пластика.
Причината за ова е што влакната на бамбусот имаат потреба од одреден вид на лепак кој се користи со цел да се даде посакуваната форма на чашата. "Кривецот" за тоа е меламин смолата.
Доколку пластиката правилно се третира и никогаш не биде изложена на температура над 70 Целзиусови степени, тогаш во пијалокот не се пренесува количина на штетна супстанција, велат испитувачите.
Но, стандардната температура на кафето ја надминува оваа бројка кога се става во чаша.
Формалдехид, друга состојка која се наоѓа во чашите може да ги иритира очите, кожата и респираторниот систем, па дури и да предизвика карцином. Од друга страна, постои сомневање дека меламинот би можел да биде виновник за болести на мочниот меур и бубрезите.