Годишниот одмор е период кој секој вработен го чека во текот на целата година. Време кога се "полнат батериите" и се собираат сили за претстојните работни предизвици.
Актуелноста на темата не натера да провериме колку нашите работодавачи ги оставаат своите вработени да уживаат во одморот кој законски им следува. За таа цел Vrabotuvanje.mk направи анкета и го постави следново прашање: На годишен одмор сте, одеднаш ви ѕвони телефонот, Ве бара Вашиот шеф од работа. Што ќе направите?
Крајниот резултат беше комбинација од варијации на мислења.
Според добиените резултати, повеќе од половина од испитаниците (57%) одговорија дека се јавуваат на телефон кога ги бара шефот од работа.
Последниве 5 години постојано ме бараат кога сум на одмор и секогаш по телефон е нешто итно, но во пракса е сосема нешто банално што може да се одложи, вели еден.
Или ќе се јавиш или не се враќај на работа, вели втор. Ќе одговорам на повикот зошто секогаш сум достапен за работата, се надовзрува трет.
Имаше и такви кои беа со малце поинакви ставови од другите во врска со ова прашање.
Ако шефот ве бара знаејќи дека сте на одмор, тогаш е нешто важно и затоа според мене е пожелно да му одоговрите на повикот. На крај краева тој го потпишува одморот, а според мене треба да се почитува хиерархијата, потенцира еден.
Секако дека треба да се одговори на било кој повик, а поготово на повик од претпоставен. Народот не може да сфати дека приватноста ја прилагодуваш спрема работата, а не обратно. Секој оди на работа за да заработи и со самото тоа и да има приватен живот. Затоа не треба да се бега од одговорност од нешто што ти го прави животот, а животот се состои само од проблеми и решавање на истите, објаснува друг.
26% одговориле дека додека се на одмор воопшто не користат мобилен телефон, барем не оној на кој можат да ги добијат од работа. Го исклучувам телефонот, тоа е мој одмор и не сакам никој да ме вознемирува. Доста стресови имам на работа, па и тие 14 дена што се за одмор да ми ги уништат, вели еден од испитаниците.
Кај ѕврцкаат во сабота, недела, за празници, во ниедно време, па уште и на одмор? Во Франција со закон е забрането после работно време да ти ѕвонат од работа, дури ни мејл не смеат да ти пратат, Тоа кај нив е МОБИНГ, објаснува втор.
Најмал дел од испитаниците, односно 18% одговориле дека ќе го одбијат повикот, бидејќи одморот е време само за нив и таму нема место за проблеми од работа. Воопшто не одговарам, знаат дека сум на одмор, нема да колабира бизнисот ако не кренам на телефон, смета еден. Блокада на број додека истече и последната секунда од годишнот одмор, вели друг.
Од цела година напорно работење заслужен ни е барем тој мал одмор од неколку денови и сметам дека работата треба да е "исклучена" во тој период, објаснува трет испитаник.
Заклучокот од оваа анкета е повеќе од јасен. Кај голем дел од компаниите не постои јасна линија помеѓу времето за работа и времето за одмор, а повеќето шефови не ја почитуваат таа граница. Иако револтирани од ова, најголем дел од Македонците поради страв од можен отказ сепак би одговориле на повик од својот шеф додека се на годишен одмор.