Основачот и сопственик на Атлантик Група, Емил Тедеши, во Белград изјави дека не треба да се размислува само за тоа како да се привлече квалитетна работна сила, туку и како да се задржи.
На Consumer Rules самитот во Белград Тедеши кажа дека Атлантик Група работи на прилагодување на корпоративните услови на новонастанатата ситуација на пазарот на трудот каде се поголем број компании нудат флексибилно работно време и можност за работа од дома.
Како што пренесува порталот Manager.ba, одговорните лица во компанијата веќе работат на широк спектар на погодности кои подразбираат квалитетно работно опкружување, корпоративна култура и добар баланс помеѓу слободното време и работата, а покрај тоа сериозно размислуваат за воведување на четиридневна работна недела.
Финансиите, вели Тедеши, повеќе не се пресуден фактор за да се остане на работното место бидејќи на прво место е сигурноста, а веднаш потоа е квалитетот на амбиентот во кој поединецот работи, се движи и создава вредност.
Тој додаде дека главните фактори кои ги привлекуваат луѓето да работат во некоја компанија се чувството за перспектива и ред.
Инаку, Атлантик Група е една од најголемите прехранбени компании во регионот која е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово со повеќе од 5.000 вработени.