Сите знаеме што значи вработување на определено и неопределено време, но кои се нашите права доколку со работодавачот се договориме за пробна работа?
Член 60 од Законот за работни односи вели дека при склучување на договор за вработување работникот и работодавачот можат да се договорат за пробна работа.
Во договорот за вработување покрај сите права и обврски од работен однос се утврдува висината на платата и времетраењето на пробната работа, кое не може да биде подолго од 6 месеца. Пробната работа може да се продолжи во случај на оправдано отсуство од работа (болест и слично).
За вршење на сезонска работа, пробната работа може да трае 3 работни дена.
Работодавачот може договорот за вработување со пробна работа за вршење на сезонска работа да го откаже во рок од 3 дена од денот на склучувањето на договорот за вработување со пробна работа.
Во времетраењето на пробната работа работникот може да го откаже договорот за вработување со отказен рок од 3 работни дена.
Врз основа на оцената за неуспешно завршената пробна работа работодавачот може по изминувањето на пробната работа да го откаже договорот за вработување.