Државата воведува регистар на одземен недвижен имот на граѓани и фирми од страна на Агенцијата за одземен имот, УЈП, и банките. На тој начин граѓаните ќе имаат подостапен и потранспарентен увид, но и подобра можност за купување на одземениот имот од страна на институциите, велат надлежните. Регистарот е во електронска форма и ќе го води Агенцијата за катастар на недвижности. Во моментов на продажба се над 1200 станови, куќи, деловни простории и речиси 300 плацови низ цела Македонија.
„Идејата на овој регистар, целокупниот недвижен имот да биде на едно место, а деталите околу продажбата, цената ќе си се договараат заинтересираните субјекти – граѓани, инвеститори итн. Директно со комерцијалните банки или институциите кои го имаат преземено имотот“, рече Борис Тунџев Директорот на Агенцијата за Катастар.
Секој запленет стан од страна на банките или институциите ќе биде евидентиран, и нема да има можност за манипулации валат надлежните. Редовно ќе биде следена имотната состојба на „запленувачите“ со што се елиминира можноста некој недвижен имот да биде скриен.
„Доколку не интересираат станови со површина помала од 100 метри квадратни, да биде намена стан, и да биде на пример во Скопје. Со едноставен клик на копчето пребарај, ни ги дава сите станови што се во Скопје и се помали од 100 метри квадратни и се за продажба“, рече Светлана Димитриевска, Агенција за катастар.
Во втора фаза од проектот од Катастарот најавија дека ќе се приклучат и Министерството за финансии, стечајните управители и извршителите бидејќи и тие според закон имаат моќ да одземат недвижен имот. Услугата за користење на регистарот е бесплатна.
За повеќе детали кликнете на ЛИНКОТ.