За денес е најавено потпишувањето на Гранскиот колективен договор за јавната администрација со кој на дел од вработените во државниот сектор освен право на регрес за годишен одмор ќе им следува и право на дневници кога патуваат во земјава и во странство, а ќе имаат и повеќе денови за одредени платени отсуства.
Со овој грански договор ќе бидат опфатени 19.600 вработени во државната администрација, односно вработени во министерствата, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправните и воспитувачко-поправните установи, центрите за социјална работа, вработените во општините, во Град Скопје, јавните установи формирани од Владата и во другите органи основани од Собранието.
К-15 ќе биде најмалку 9.000 денари
Во договорот јасно е прецизиран износот на регресот за годишен одмор (К-15) за вработените во државната администрација и тој ќе биде минимум 9.000 денари. Секако, износот може да биде и поголем, а истиот законски ќе треба да се исплати во 31.12.2020 година.
Дневници од 700 денари
За патување во земјава до 12 часа дневницата е 350 денари, а за патување подолго од 12 часа, таа ќе изнесува 700 денари. Овие дневници се со цел да ги надоместат трошоците на работниците што одат на пат, а дополнително се покрива бензинот и сместувањето на вработениот.
За патување во странство, дневниците се одредени во колективниот договор на работодавачот или во посебна одлука, но истите не можат да бидат помали од Уредбата за издатоци за службени патувања и селење во странство, при што тој износ е пооделно одреден за секоја земја.
Право на повеќе денови платено отсуство
Ако досега отсуството за склучен брак беше 3 дена, отсега работниците ќе добиваат по 5. За раѓање и посвојување деца ќе следуваат по три дена платено отсуство, а членовите на Синдикатот ќе имаат по еден дополнителен ден.
За ноќна смена, прекувремена работа и работа во недела, додатокот останува ист за секој одработен час.
Во колективниот договор не влегуваат наставниците и професорите, лекарите и останатиот медицински персонал, вработените во полицијата и одбраната, а не влегуваат ни јавните претпријатија формирани од општините и од Град Скопје.
Извор: Слободен печат