Виена е пример за метропола со функционален јавен превоз кој придонесува за заштита на животната средина!
Јавниот превоз во Виена, управуван од јавното претпријатие Wiener Linien, годинава го сруши рекордот во продажба на билети, достигнувајќи импресивна бројка од 852.000 годишни билети или 30.000 повеќе отколку во 2019 година и дури половина милион повеќе отколку што се продале во 2011 година.
Според овие податоци, бројот на годишни билети за превоз со Wiener Linien (вклучувајќи превоз со автобус, трамвај и метро) го надминал бројот на патнички автомобили регистрирани во Градот Виена.
Цената на годишниот билет е 365 евра
Цената на годишниот билет за користење на јавниот транспорт во Виена изнесува 365 евра, така што не е тешко да се пресмета приходот којшто јавното претпријатие го остварило на почетокот на годината од граѓаните и патниците на кои им верува и возвраќа со врвен квалитет на услугата.
Инаку, возењето со метро, трамвај или автобус во овој град се смета за многу подобар избор отколку да користите сопствен автомобил. Сообраќајната мрежа е развиена, точна и сигурна, а управата на Wiener Linien цели кон почитување на еколошките закони. Така на пример, оваа година ќе бидат инвестирани 368 милиони евра во модернизација и ширење на мрежата со цел борба против климатските промени. Исто така, пуштени се во употреба електрични автобуси, со што се намалува емисијата на CO2.
Функционалниот јавен превоз дава голем еколошки придонес за нашиот град. Секој што ќе избере годишен билет за јавен превоз во Виена наместо сопствен автомобил, годишно ќе заштеди околу 1.5 тони јаглероден диоксид кој е штетен за животната средина, вели Ули Сима, членка на градската канцеларија за заштита на животната средина во Виена.
Гинтер Штајнбауер, директор на Wiener Linien, истакнува дека износот за годишен билет од 365 евра, или евро на ден, охрабрува се повеќе граѓани да го користат јавниот превоз во Виена.
Минатата година, компанијата за своите вработени воведе и систем за подобрена реалност (AR) кој вклучува носење на специјални AR очила со кои може полесно да се детектира некој дефект во возилото, а на кровот на метрото, во соработка со градските власти, се монтирани фотонапонски модули кои годишно произведуваат 62.000 киловат-часови соларна енергија.