Од 1 март во Германија стапи на сила новиот Закон за доселување на квалификувана работна сила од земји надвор од Европската Унија со кој се олеснуваат условите за странски работници од трети земји, вклучувајќи ја и Македонија
Недостигот од речиси 1 милион работници Германија планира да го реши со новиот Закон за доселување на квалификувана работна сила од трети земји кој стапи на сила на 1 март. Законот ќе ја олесни миграцијата од трети земји, а на странските работници ќе им овозможи полесно и побрзо да најдат работа. Па, што е “ново“ со новиот Закон?
За почеток, процесот на издавање на визи за квалификувани работници кои се бараат на германскиот пазар на труд ќе трае најмногу 4 до 6 недели.
Од друга страна, секој кој има договор за работа или конкретна понуда ќе добие дозвола за престој на четири години или онолку колку што трае договорот за работа.
Секој кој сака да бара работа во Германија, ќе добие виза на шест месеци. Предуслов е да имате пари за да ги покриете трошоците за живот и да го познавате германскиот јазик до одредено ниво (Б2).
Новиот Закон го дефинира и поимот “стручњак“, за кој впрочем се однесува и самиот Закон, како квалификувано лице чие стручно образование треало најмалку две години и е еквивалентно со германското образование.
Се забрзува и признавањето на дипломите бидејќи целокупниот процес треба да заврши во рок од три месеци по предавањето на целата документација.
Прописите им овозможуваат на германските работодавци и на германската амбасадата побрзо да делуваат.
Со овој Закон, секој работник од третите земји кој ги поседува потребните стручни квалификации може да дојде и да работи во Германија.
По четиригодишниот престој, стручњаците можат трајно да се вселат во Германија, односно тие стекнуваат право на неограничен престој.