Епидемијата на коронавирусот во Кина се наоѓа во завршна фаза, додека во останатите делови од светот е штотуку почната. Иако ниту една земја не е подготвена за пандемија од овие размери, сепак постојат одредени активности кои можат да го спречат ширењето на вирусот. Една таква активност е овозможување разговорите за работа да се водат преку интернет, од дома.
Идејата за спроведување на интервјуто за работа од дома е дел од стратегијата која има за цел да го спречи или барем да го забави ширењето на коронавирусот кој го доведе светот до глобална пандемија.
Овој потег не само што ќе го заштити здравјето на луѓето, туку и ќе ја олесни комуникацијата помеѓу интервјуерот и кандидатот за вработување бидејќи нема да има потреба од организирање на состаноци, обезбедување простории и слично.
Некои земји веќе ги ограничија можностите за патување, така што за некои луѓе е практично невозможно да присуствуваат на состаноци или интервјуа за работа. Но затоа, можностите што ги нуди интернетот ќе ви овозможат да ги надминете овие бариери и да функционирате подобро за време на криза.
Додека трае оваа ситуација, комуникацијата може да се води преку разните апликации на интернет, како што се Skype, Zoom или WhatsApp.
Исклучително е важно кандидатите да се подготват за ваков тип на интервју, затоа што според многубројните совети на експертите, ваквите разговори за работа не се ни одблизу слични како интервјуата во живо.
Досега, над 170.00 луѓе во светот се заразени со коронавирусот, а околу 6.600 луѓе ги загубија своите животи. Италија, Шпанија и Франција, како и останатите европски земји во моментов се наоѓаат во најлоша состојба.
Поради оваа глобална пандемија, откажани се и голем број настани што требаше да се случат, како SXSW, E3 саемот за видео игри, F8 конференцијата на Facebook и многу други.
Останува да се види какви економски последици ќе има овој вирус за целиот свет.