Работа од дома веќе некое време важи за растечки тренд, а избувнувањето на коронавирусот е на пат да го направи тој тренд мејнстрим!
Ако до вчера можноста за работа од дома беше бенефит плус кој важеше само за вработените во ИТ компаниите, новонастанатата ситуација со коронавирусот наметна една нова состојба во која голем дел од компаниите беа приморани да се прилагодат и да им овозможат на своите вработени да работат од своите домови.
Дали сме подготвени за ова? Одговорот е, секако, не. Да ги земеме за пример резултатите од едно неодамнешно истражување на Owl Labs кое предвидува дека дури во 2025 година, половина од работната сила во САД одреден дел од неделното работно време ќе може да го поминат надвор од канцеларија, а само 42 проценти од луѓето кои во моментов работат од далечина очекуваат дека работните задачи кои се извршуваат надвор од канцеларија ќе бидат уште побројни. Доколку истото истражување се спроведе во Европа, можеме да очекуваме слични бројки само за Велика Британија, Ирска и Германија. Останатите земји заостануваат.
Бројните предизвици со кои сме се соочиле во минатото не научија дека кризните ситуации не прашуваат за време и место. Впрочем, тоа се случува во моментов насекаде околу нас. Денес, не сме погодени од економска криза која економистите лесно ќе ја предвидеа, а финансиските институции ќе беа веќе подготвени, туку се соочуваме со пандемија на вирус кој ги турна државите во изолација, а начинот на живот кој до вчера го земавме здраво за готово е целосно променет. За таа цел, потребно е да се адаптираме.
Работа од дома за време на криза
За среќа, постојат општествено одговорни компании кои уште веднаш ја сфатија сериозноста на самата ситуација и важноста на потребата од понатамошно спречување на ширењето на коронавирусот, па им овозможија на вработените привремено да работат од дома.
За поголемиот дел од луѓето кои до вчера одеа во канцеларија тоа значи дека во овој момент, нивната канцеларија е дневната, кујната или спалната соба, а деловните состаноци се одвиваат исклучиво виртуелно благодарение на погодностите овозможени од технологијата и интернетот.
А самоизолацијата во никој случај не значи дека треба да престанеме да се социјализираме. Запомнете дека забавните моменти од канцеларија се уште може да ги споделиме едни со други благодарение на алатките за комуникација и социјалните мрежи.
Затоа, ве охрабруваме да ги споделувате материјали од најдобрите моменти во вашата домашна канцеларија и да внесете позитива во овие тешки времиња!