Македонските банки со предвремена исплата на пензиите!
Банките ширум земјава излегоа со официјални соопштенија за датумите на исплата на пензиите.
Запомнете: Пред да излезете во текот на утрешниот ден, имајте ја во предвид одлуката за ограничување на движењето на граѓаните над 67 години која се однесува на периодот од 11:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. Бидете совесни и почитувајте ги ограничувањата.
Поради моменталната ситуација, банките имаат промена на своето работно време и истите тие отвараат во периодот помеѓу 08:00 и 09:00 часот.
НЛБ БАНКА
Почитувани клиенти,
Согласно моменталните случувања со пандемијата на Корона вирусот, со цел да излезе во пресрет на потребите на своите клиенти - пензионери, НЛБ Банка АД Скопје ќе ги исплати пензиите на 25 - ти март (среда). Во насока на поголема заштита, од 25 - ти до 27 - ми март пензионерите ќе можат да ја подигнат својата пензија само на банкоматите на НЛБ Банка, додека од 28 - ми март пензиите ќе можат да се подигнат и преку експозитурите на Банката.
Целосното соопштение можете да го пронајдете ТУКА
СТОПАНСКА БАНКА
Почитувани,
Имајќи ги во превид засилените мерки за заштита од ширење на COVID – 19 Стопанска банка информира дека мартовските пензии од фондот на ПИОМ ќе бидат предвремено процесирани со цел да се намали присуството на пензионери во филијалите на 1виот календарски ден во месецот и да се овозможи поголема заштита на оваа категорија клиенти најосетлива на пандемијата.
Бидејќи најголем дел од пензионерите во Банката поседуваат дебитна картичка поврзана со сметката на која се процесира пензијата, Ве известуваме за следното:
- Пензионерите кои поседуваат дебитна картичка со мартовските пензии ќе можат да располагаат од среда, 25.03.2020 исклучиво на мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
- Пензионерите кои не се корисници на дебитна картичка пензијата ќе може да ја подигнат почнувајќи од 28.03.2020 (сабота) во сите отворени филијали на СБ при што филијалите кои вообичаено не работат во сабота ќе бидат отворени на тој ден исклучиво за оваа цел. Листата на филијали кои ќе бидат на располагање е истакната на линкот во продолжение:. Апелираме овие клиенти при подигање на пензијата да поднесат и барање за изработка на дебитна картичка со што ќе бидат подготвени за следната пензија со цел максимално да се намали нивното присуство во филијалите заради лична и колективна заштита.
Целосното соопштение можете да го пронајдете ТУКА
ХАЛКБАНК
Драги клиенти,
Со цел да одговориме на мерките за ограничување и заштита a согласно препораките за помало движење во филијалите, Вашата Халкбанк овозможува порана исплата на Вашите пензии.
На 25.03 (среда) парите ќе Ви бидат на сметка и истите ќе може слободно да ги користите при пазарење со Вашите платежни картички, преку електронското банкарство или за подигање преку АТМ-ите без провизии.
Целосното соопштение можете да го пронајдете ТУКА
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА
Комерцијална банка АД Скопје на 28 март ќе започне со предвремена исплата на пензиите за март 2020 година. Пензионерите кои пензијата ја примаат во Комерцијална банка и имаат активна дебитна картичка, пензијата за март 2020 година ќе ја добијат на 28 март.
За да се избегнат гужви и блиски контакти, АПЕЛИРАМЕ пензионерите кои имаат дебитна картичка или користат Интернет банка своите финансиски потреби да ги вршат преку плаќање со картичка, преку банкоматите и Интернет банката на Комерцијална банка, односно максимално да избегнуваат посета на шалтерите.
Со цел да се зачува здравјето на најранливата категорија граѓани, пензионерите кои пензијата за март ќе ја подигнат на шалтерите на Банката, ќе може да ја добијат согласно следниот распоред:
- клиенти со пензија до 12.000 денари на 28 март (сабота) и 30 март (понеделник)
- клиенти со пензија од 12.001 до 15.000 денари на 31 март (вторник)
- клиенти со пензија од 15.001 до 19.500 денари на 1 април (среда)
- клиенти со пензија над 19.500 денари на 2 април (четврток)
Целосното соопштение можете да го пронајдете ТУКА
ТТК БАНКА
Почитувани,
Ве известуваме дека TTK Банка АД Скопје овозможи пензијата за месец март да биде на располагање почнувајќи од 26 март 2020 година, четврток, за сите пензионери кои ја примаат својата пензија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на нивната денарска сметка во ТТК Банка АД Скопје.
Во услови на засилени мерки за спречување на ширењето на корона вирусот (Covid-19), кога се препорачува да се намали подигањето и употребата на готовината, како приматели на пензија на сметка во ТТК Банка АД Скопје, Ви препорачуваме користењето на пензиите да го реализирате со Visa картичките на ТТК Банка АД Скопје со можност за бесконтактно плаќање и плаќање преку интернет како и преку услугите и поволностите на електронското и мобилно банкарство со 24/7 бесплатен пристап и увид во трансакциската сметка и без трошоци за денарски трансакции до 30.4.2020 година!
Целосното соопштение можете да го пронајдете ТУКА
СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА со соопштение:
Почитувани клиенти,
Ве известуваме дека исплатата на пензиите во Стопанска банка а.д. Битола за овој месец ќе започне на 25.03 со тоа што во периодот од 25.03 до 27.03 сите пензионери кои ја добиваат пензијата во Стопанска банка а.д. Битола ќе можат да ги подигнат своите пензии на некој од банкоматите на Банката. Почнувајќи од 28.03, покрај на банкоматите, исплатата на пензии ќе започне и во експозитурите на шалтерите на Банката.
Бидејќи во случајот станува збор за поризична и посензитивна група на граѓани, во насока на заштита на нивното здравје, а согласно препораките на институциите со цел превенција, и минимизирање на ризикот за ширење на вирусот Ковид-19 апелираме на тоа широката мрежа на банкомати на Банката да се искористи за подигнување на пензиите, а посетите на експозитурите да се сведат на минимум.
Доколку се работи за случај кога е неопходно да се посети експозитурата ве молиме придржувајте се до сите препораки и мерки за заштита. Држете соодветно растојание при посетата и следете ги насоките кои ќе ви бидат дадени.
Чувајте се и бидете одговорни за вашето и здравјето на сите околу вас!
СИЛК РОУД БАНКА ги извести примателите на пензии:
Известување за сите приматели на пензија
Силк Роуд Банка АД Скопје ги известува сите приматели на пензија преку банката, дека исплатата на пензиите ќе се врши на 25.03.2020 година (среда).
Почнувајќи од 25.03.2020 година пензиите ќе може да се подигнат со платежна картичка од било кој банкомат на банката.
Пензионерите кои не користат картичка, односно своите пензии ги подигнуваат на шалтер на банката истите ќе може да ги подигнат почнувајќи од 28.03.2020 година, односно првиот работен ден на банката – 30.03.2020 година (понеделник).
Имајќи ги предвид преземените безбедносни мерки во експозитурите, а со цел да не се прават дополнителни гужви на благајните, банката ги замолува пензионерите телефонски да ја контактираат експозитурата на банката од каде што ја подигнуваат пензијата со цел утврдување на точен термин за подигнување на истата.