Јапонија полека, но сигурно ја добива битката со Ковид-19. Која е тајната на земјата со најголем процент на стари лица во рамки на својата популација?
Споредено со Европа, контрастот не може да биде поголем. Јапонија досега има пријавено околу 1.500 лица заболени со коронавирусот, а бројот на жртви е само 49. На дневно ниво се заразуваат по неколку десетици Јапонци, стапката на раст на нови случаеви во последните 15 дена не надмина 10%. Ако овие бројки се споредат со популацијата на Јапонија (126.8 милиони), јасно ни е дека земјата многу добро се справува со пандемијата.
Јапонија е густо населена земја. Има најголем процент на стари лица во рамки на популацијата и има многу блиски контакти со соседна Кина. Во јануари, 925.000 кинески државјани допатувале во Јапонија, а во февруари тој број се намали на 89.000. Како и да е, владата презеде соодветни активности за да го спречи ширењето на вирусот.
На почетокот, премиерот Шинзо Абе нареди две недели пред празниците, училиштата да бидат затворени и сите манифестации да бидат откажани. Сепак, продавниците и рестораните останаа отворени, а само мал дел од Јапонците останаа да работат од своите домови.
Направени само 14.000 тестови
И покрај својот капацитет да спроведува по 6.000 тестови на ден, Јапонија зеде само 14.000 примероци, што е 20 пати помалку отколку Јужна Кореја која беше тешко погодена од коронавирусот.
Се испитуваат само паценти со најтешки симптоми, вели вирологот Масахиро Ками од Институтот за медицинско управување.
Затоа се очекува бројот на непријавени случаи да е далеку поголем.
Но, наместо да се прават тестови на национално ниво, акцентот е ставен само на места каде што најмногу еруптирала болеста. Така на пример, по избувнувањето на заразата во едно основно училиште на северот на островот Хокаидо, донесена е одлука да се затворат сите училишта и да се прогласи вонредна состојба.
После три недели, вирусот престана да се шири.
Малиот број на тестови треба да осигурат дека медицинските средства остануваат достапни за посериозни инфекции, вели германскиот политиколог Себастијан Маслоу од Универзитетот во Токио.
Носењето маски стана граѓанска обврска
Јапонските набљудувачи посочуваат и други особености: Прво, изолацијата го намалува ризикот од инфекција, а тоа значи дека нема ракување или бакнување во образ. Од друга страна, населението е дисциплинирано да се придржува кон основните правила за хигиена уште од рана возраст.
Миењето раце и исплакнувањето на грло со средства за дезинфекција, како и носењето маски се дел од нашата секојдневна рутина. За тоа не ни треба коронавирус, вели една Јапонка, која е мајка на две деца.
Затоа беше лесно да се префрлиме на антиинфективен режим уште во февруари. Оттогаш, на влезовите на сите продавници и други установи се инсталирани рачни канализатори.
Ред, дисциплина и смиреност
Дури и пред новиот коронавирус, во Јапонија се користат по 5.5 милијарди маски годишно, што значи 43 маски по човек. Пред продавниците луѓето стоеле трпеливо во ред, а голем дел од продавниците нуделе парчиња ткаенини и филтри за тој што сака сам да си направи маска.
Масовната употреба на заштитни маски успеа да го забави ширењето на вирусот. Ова го покажува наглото опаѓање на бројот на заболени од грип во рок од седум недели од епидемијата на Sars-Cov-2.
Во знак на успех, премиерот Абе пред една недела реши да не ја продолжи вонредната состојба. Оттогаш, Јапонците му се вратија на нормалното секојдневие. Училиштата почнаа да работат, децата седат на растојание во проветрени простории, а се отворија и забавните паркови.
Страв од нов бран на заразени
Владата се плаши од втор бран на зараза. Токму затоа, само училиштата во областите каде што нема заразени со коронавирус би можеле да започнат со настава на почетокот на април. Но, големите манифестации ќе почекаат уште малку.
Фокусот во моментов е ставен на опасностите од странските посетители. Освен на Јужнокорејците, земјата им забрани влез и на државјаните на ЕУ. Во Јапонија можат да влезат само оние кои имаат место на живеење во земјата, но задолжителен е 14-дневен карантин. Според неофицијалните информации, овие мерки ќе траат до почетокот на април.