
Научниците веќе докажаа дека корона вирусот може подолго време да преживее на површината на различни предмети меѓу кои и на мобилните телефонски апарати односно смартфоните.
Со оглед на тоа што тие често се користат и со валкани раце, нивното правилно чистење може многу да придонесе во спречување на ширењето на корона вирусот.
Затоа, „Би-би-си“ објави едукативно видео на кое д-р Лена Кирик, микробиолог од Универзитетскиот Колеџ Лондон објаснува дека за чистење не треба да се употребува 100% алкохол, ацетон или други хемиски средства да не се оштетат смартфоните.
Таа препорачува бришење со течен сапун и вода како ефективен начин за целосно чистење. При тоа, мора да се внимава влага да не допре до приклучоците за струја и УСБ портовите за да не дојде до оштетување.
Според „Епл“, нивните апарати може да се чистат и со марамици навлажнети со 70% алкохол кои може да се најдат во продавниците за компјутери и телефонска галантерија. По чистењето на телефоните веднаш измијте ги рацете.