Кратење на платите само за државните функционери
Словенечката Влада, по дводневно заседание, конечно го усогласи и објави таканаречениот „Корона Закон”, со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра.
Целта на овие закони е да се ублажи финансискиот удар врз граѓаните и економијата поради епидемијата на коронавирусот.
– Ваков закон никогаш не е донесен во Словенија. Мерките од новиот закон ќе важат откако Собранието ќе го потврди. Со мерките ќе ги спасиме луѓето, економијата и нашите животи, изјави премиерот Јанез Јанша, претставувајќи го законот. Според одлуката, сите самовработени, кои поради епидемијата не можат да остварат соодветен приход, ќе добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати и придонесите. Помош од државата во висина од 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија. Додаток на плата во висина од 100 евра ќе добијат и семејствата со три деца, а оние кои имаат повеќе ќе добијат државна помош од 200 евра месечно. Државни пари на сметка ќе добијат и пензионерите, а висината ќе зависи од тоа колкава им е пензијата.
Оние со најниски пензии до 500 евра ќе добијат 300 евра помош, тие до 600 ќе добијат 230 евра од државата, а на оние со пензии над 700 евра им следуваат 130 евра помош. Што се однесува до компаниите, за да се зачуваат работните места државата го презема плаќањето на придонесите за сите вработени, кои поради намалениот обем на работа ќе бидат испратени дома на таканаречено „чекање”, односно седат дома.
Дополнително, здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавачот. Оние кои се изложени на опасност поради својата работа за време на епидемијата ќе добиваат поголема плата од 10 до 200 отсто, а се препорачува и приватните компании да го следат истиот пример и на вработените кои се во ризик да им ги зголемат платите. Функционерите именувани од Владата ќе добиваат 30 отсто помала плата за време на епидемијата.
Премиерот Јанша најави дека следува и втор ваков сличен закон со кој дополнително ќе им се помогне на граѓаните и економијата. Според него, со овој Закон нема сектор во земјата кој нема да добие финансиска помош, а тоа важи и за општините односно локалната самоуправа. Европската централна банка ќе ги поддржи овие мерки со една милијарда евра.
Од Владата најавија дека дополнително ќе воведат рестрикции на движењето имајќи предвид дека викендов граѓаните ги наполнија туристичките центри, што предизвика голема загриженост.