Во Шведска, земја во која досега немаше толку рестриктивни мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, ситуацијата стана драматична откако бројот на новозаразени нагло почна да расте.
Додека останатите земји во светот воведоа строги правила за ограничено движење и социјална дистанца, јавниот превоз во Шведска се уште функционираше, училиштата, рестораните и кафулињата останаа отворени, а за полициски час не се ни помислуваше.
Целта беше да се создаде т.н. “колективен имунитет” кој ќе и помогне на земјата да се справи новиот коронавирус.
Но, ситуацијата излезе надвор од контрола откако изминатите денови рапидно почна да расте бројот на новозаразени.
Премиерот Стефан Лофвен изјави дека Швеѓаните треба да се подготват за илјадници мртви од Ковид-19.
Ќе имаме илјадници мртви. Треба да се подготвиме за тоа, вели Лофвен за шведскиот весник Dagens Nyheter.
Весникот наведува дека земјата се соочува со криза поради бројот на луѓе кои имаат потреба од медицинска помош и падот на економскиот раст.
До овој момент, Шведска има 6.443 позитивни случаеви и 373 жртви. Само во изминатото деноноќие, 312 нови лица се позитивни на Ковид-19.