“После оваа криза, започнуваме со забрзан економски раст”, објави хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ во интервју за саботното издание на “Вечерњи лист”, изнесувајќи податоци и планови за тоа како земјата ќе се справи со блокадата на економската активност.
Хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ вели дека сите мерки во пакетот за економска помош на можеа да се донесат без некаква гаранција дека државата може да обезбеди нивно финансирање. Но, и покрај сите стравови на бизнисмените за економските последици од кризата, министерот Мариќ испрати позитивна порака дека сите треба да се подготват за летечки старт и забрзан развој на хрватската економија.
Пандемијата на коронавирусот е веројатно најлошата глобална здравствена криза во нашето време. Светот во моментов се соочува со материјализација на нејзините економски последици, чиј обем и време е се уште неизвесен, но несомнено е дека тој ќе биде поголем од она што го предизвика глобалната финансиска криза од 2008 година. Главната карактеристика на оваа криза е тоа што во исто време е глобално распространета во скоро сите земји во светот, кои во релативно кратки временски интервали, ќе сносат исти или слични последици. Дополнителен проблем е тоа што на краток рок потенцијалните здравствени и економски ефекти се спротивставени, што доведува до проблем со управувањето со кризата, па токму затоа видовме дека не сите земји се определиле за истата стратегија за менаџирање со кризата. Хрватска навреме ги препозна опасностите од заразата и последиците што можат да се појават врз здравјето и животот на граѓаните па затоа во оваа криза го покажа своето најдобро лице: дисциплина, солидарност и одговорност, што покажува дека сме поуспешни од многу побогати земји. Исто како што навремено ги препознавме епидемиолошките опасности, навремено ги препознавме и негативните економски последици. Најголем предизвик во оваа ситуација е неизвесноста за тоа до кога ќе трае кризата, а од тоа зависат и здравствените, социјалните и економските последици со кои ќе се соочи земјата. Хрватска веќе имаше лоша и долга епизода на континуиран економски пад, меѓутоа, во последните неколку години, со одржлив економски раст успеавме да ги консолидираме јавните финансии, создавајќи фискален простор за брза и силна финансиска поддршка за одржување на вработеноста и целокупната економска активност, вели Мариќ.
Целта е да се зачуваат работните места и да се обезбеди ликвидност
Министерот Мариќ ги искоментира и владините мерки за справување со Ковид-19. Според него, економските мерки на владата се првенствено насочени кон зачувување на работни места и обезбедување на ликвидност.
Во Хрватска, висината на финансиската поддршка за зачувување на работни места во секторите погодени од коронавирусот е зголемена од првичните 3.250 куни во март, на 4.000 куни во април и мај, а работодавците што ја користат мерката ќе бидат ослободени од придружните придонеси.
Покрај тоа, даночните обврзници на кои им е забрането да работат или се соочуваат со потешкотии поради кризата, целосно се ослободени од сите јавни давачки во текот на овие три месеци.
Досега, над 67.000 компании и 400.000 вработени лица се пријавиле како корисници на овие две мерки. Критериумите за користење на двете мерки се многу флексибилни, а спроведувањето на самата мерка е релативно едноставно со многу мал административен процес.
Мариќ посочи дека по кризата земјата ќе има ограничени ресурси кои треба да бидат инвестирани рационално.
Министерот е оптимистичен во однос на разрешницата на кризата, велејќи дека оваа криза е исто така нова шанса за земјата да извлече позитивни лекции и насоки за идната економска политика.
Тоа подразбира рационалност кон ресурсите кои се на располагање, ефикасното функционирање да биде предуслов за сите понатамошни активности, а брзата реакција и прилагодување кон новите ситуации и бизнис услови е карактеристика што ќе ги издвои успешните од помалку успешните, не само во приватниот сектор, туку и во јавниот.
Веќе научивме дека голем број од јавните услуги можат да се реализираат електронски и сигурен сум дека одредени постапки кои така ги извршувавме за време на кризата ќе останат како такви да се применуваат. Хрватската економија денес се карактеризира со релативно ниска застапеност на индустрија која прави додадена вредност, а висока застапеност на секторот за услуги, со мал удел на извозот на стоки во БДП и значителна зависност од увозот и затоа треба да работиме за да го промениме тоа во иднина. Нужно е да ја промениме домашната економија да има поголема ориентација кон извозот, но и да се искористат нашите компаративни предности кои ги имаме како земја. Кризата ја покажа важноста на земјоделството и прехранбената индустрија во обезбедување на неопходниот обем на производи за нашето население, затоа што во вакви услови на нарушување на транспортот и затворање на границите, исклучително е важно да се имаат доволни колични на храна од домашни извори. Докажана е и важноста на домашната фармацевтска индустрија, вклучително и производството на лекови, заштитни средства и медицинска опрема. ИТ индустријата и дигитализацијата се покажаа како исклучително важни за брзо и ефикасно спроведување на сите мерки, како епидемиолошки, така и економски, а нивната прилагодливост им овозможи на приватните и јавните сектори безболно да се прилагодат на далечинко работење. Ова се само примери каде треба да биде фокусирана идната економска стратегија и мерките за економска политика, изјави Мариќ.