Со новите мерки на ограничување на движењето кои стапуваат на сила од утре (среда), лицата над 67-годишна возраст стравуваат дека нема да успеат да ги завршат неопходните обврски во дозволениот термин за движење од 10 до 12 часот. Апелираат до граѓаните кои имаат можност за повеќе часови слободно движење, да им дадат предност на повозрасните при набавка во маркетите, аптеките или на шалтерите во банките, доколку во посочениот период на тие места се создадат редици.
Пензии преку пошта
Со исти проблеми се соочуваат многу лица од категоријата „над 67 години“, а превентивата од коронавирусуот налага тие што помалку да излегуваат, бидејќи се најзасегната категорија од Ковид-19. Како да се надмине проблемот - размислуваат и општинските власти. Вчера кризниот штаб во Тетово побара да се изнајде модел пензиите да се добиваат преку пошта, со што повозрасните лица ќе немаат потреба да се собираат пред банките. Истото го побара и кумановскиот Општински штаб за заштита и спасување, не само за пензиите, туку и за социјалната помош.
„Бараме да донесе одлука средствата за социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис директно до граѓаните, за да се надмине постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓаните“, велат од ОШЗС.
Во Италија карабињерите ќе им ги доставуваат пензиите на граѓаните кои имаат над 75 години
За да се надминат евентуални редици без соодветна социјална дистанца, Општинскиот штаб ја задолжи Општината Куманово да формира редарска служба од сопствени вработени кои ќе вршат редарска контрола на најпрометните места во градот, а ќе бидат во постојана соработка со СВР Куманово, по потреба и за асистенција. Лицата од редарската контрола треба да бидат видно обележани, а ќе добијат насоки од ОШЗС за начинот како ќе ја извршуваат нивната работа.
DW