Дури 60% од вработените во угостителството или 15 илјади луѓе останале без работа за помалку од еден месец. Во секторот продолжуваат секојдневно да се делат откази. пишува Алфа тв. Дури 80% од компаниите немаат пари за да им поделат плати на работниците. Од здружението Еснаф велат со уредба на владата не работат воопшто, прометот е нула, исто и приходите, а истовремено треба да одвојат пари за плати, кирии, комуналии, давачки и други трошоци. Помошта не била целосна. Економските мерки што ги предвиде Владата не можеле да им помогнат и за нив немало воопшто да аплицираат.
Микро и малите бизниси кои бројат 80% од сите компании во земјава се први на удар на коронакризата – алармираат од нивното здружение. Немаат работа, па велат принудени се да отпуштаат вработени. Не се задоволни од вториот сет мерки на Владата. Оние што земале субвенции за исплата на кадарот во минатото, сега не можеле да аплицираат за државна помош. Бараат 100 отсто покривање на бруто платите на работниците за април, мај и јуни, со можност за продолжување до крајот на епидемијата. Предупредуваат дека ако Владата остане глува за нивните барања, бројот на луѓе што ќе добијат отказ ќе биде драстично поголем.
Ако се реализираат најцрните сценарија, десетици илјади работници ќе останат на улица – алармираа и од текстилните фабрики. Голем дел од нив, веќе почнаа со делење откази. Европските пазари се затворени, порачки нема, производството трпи. Велат кредитите нема да им помогнат да застанат на нозе.
Алфа тв