Германската влада започна со исплата на финансиска помош на оние кои западнаа во потешкотии поради кризата предизвикана од коронавирусот. Помошта е наменета за работниците и компаниите, а посебно внимание се посветува на малите бизниси, како и на самостојните занаетчии, уметниците и слично.
Сепак, иако живеат и работат легално во Германија, многу луѓе од Балканот кои ќе ги загубат своите работни места ќе останат со празни раце, пренесува Спутник.
Имено, само оние кои имаат постојан престој и дозвола за работа ќе имаат право на државна помош неменета за државјани на земји кои не припаѓаат на ЕУ.
Од федералното Министерство за труд и социјала велат дека за лицата со овој статус кои немаат право на финансиска помош, единствена опција е да се пријават во Националната служба за вработување каде што можат да поднесат барање за помош за тешки социјални случаи.
Работниците од Западен Балкан кои биле вработени подолго од една година, а немаат неограничена дозвола за престој, имаат право на бенефиции за невработеност во времетраење до дванаесет месеци.
Посебни правила за луѓето од Балканот кои немаат постојана дозвола за престој нема – без разлика дали станува збор за работници, хонорарци или студенти. Како тие ќе поминат низ кризата зависи исклучиво од статусот што го стекнале досега, од работодавците за кои работат и од тоа дали ќе бидат препознаени како тешки социјални случаи од страна на службата за вработување.