Околу 4.000 германски туристи кои се заразиле со коронавирусот, се приклучуваат на тужбата која ја поднесе Здружението за заштита на потрошувачи (ВСВ) против австрискиот ски-центар Ишгл.
На властите на Ишгл и на покраината Тирол им се наметнува вина дека намерно реагирале доцна на избувнувањето на коронавирусот и дека се обиделе да ја прикријат опасноста со цел да се продолжи сезоната на скијање.
Како што пренесува Дојче Веле, 4.000 државјани на Германија кои биле заразени во градот се приклучиле на тужбата.
Претседателот на ВСВ, Питер Колба, поднесе тужба до обвинителството во Тирол, кое треба да го испита случајот и да одлучи дали постои основа за обештетување.
Колба истакна дека постојат финансиски и политички мотиви за да се одложи, што е можно повеже, прекинот на сезоната на скијање.
Економските причини се јасни. Треба само да се запрашаме колку пари му носи еден ден скијање на Ишгл. Врз основа на ова, може да се замисли некој да каже “ајде да ја продолжиме сезоната барем уште два дена”, вели Колба.
Дали имало обид за прикривање на заразата, ќе утврди судот.