Амазон соопшти дека компанијата успеала да пополни 100.000 работни места за само еден месец како резултат на растечката побарувачка предизвикана од пандемијата.
Технолошкиот гигант Амазон во понеделникот ја истакна зголемената побарувачка за е-трговија предизвикана од пандемијата која ги натера луѓето да се затворат во своите домови.
Денес, чест ни е да соопштиме дека го исполнивме ветувањето да креираме 100.000 работни места и нашите нови вработени веќе се распоредени во продавниците ширум САД за да им помогнат на нашите клиенти, стои во објавата на блогот на компанијата.
Од Амазон изјавија дека поради понатамошниот раст на побарувачката ќе бидат отворени дополнителни 75.000 работни места за да им се помогне на клиентите во овие тешки времиња.
Инаку, компанијата ја започна годината со скоро 800.000 вработени на полно и скратено работно време, како дополнување на веќе ангажираните контрактори кои ја обезбедуваат доставата.
Амазон соопшти и дека е отворена привремено да ги прифати луѓето кои останале без работа, додека не најдат друга работа.
Претходно, компанијата се соочи со протести од страна на вработените во магацин и продавница кои се соочуваат со ризик од инфекција со Ковид-19.
Најавата на Амазон минатиот месец беше проследена со потегот на Валмарт за креирање на 150.000 работни места и услугата за испорака Инстакарт за која дополнително ќе се вработат 300.000 работници на договор.