Пандемијата на коронавирусот која започна во Кина се прошири низ целиот свет, но сепак, до денес, 15 земји се уште го немаат регистрирано првиот позитивен случај на Ковид-19.
Тие се Коморос, Кирибати, Лесото, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Северна Кореја, Палау, Самоа, Соломонските Острови, Таџикистан, Тонга, Туркменистан, Тавалу и Вануату.
До пред десетина дена, листата беше подолга со уште три имиња – Јемен, Јужен Судан и Сао Томе и Принсипе, меѓутоа, во изминатите денови се појавија првите случаи на инфекции и во овие земји.
Според податоците на сајтот Worldometers.info, четири луѓе се заразени во Јужен Судан, исто толку има и во Сао Томе и Принсипе, а еден случај е регистриран во Јемен.
Некои експерти стојат на ставот дека меѓу овие земји има и такви што имаат заразени со Ковид-19, но не ги пријавуваат. Најголем сомнеж се фрла на информацијата дека токму во Северна Кореја нема ниту еден заразен.
Потсетуваме дека СЗО на 11 март прогласи пандемија на коронавирусот.
Првиот случај на Ковид-19 беше регистриран во кинескиот град Вухан во декември 2019 година.
За само три месеци, вирусот се рашири низ целиот свет, а досега е забележан во 210 држави и територии.