Резултати од тест за COVID-19, а подоцна и вакцинација би можеле да бидат потребни за влез во Шенген-зоната!
Неодамнешното предупредување на францускиот претседател Емануел Макрон дека надворешните граници на Шенген-зоната и на земјите членки може да останат затворени сè до септември ги згасна надежите на оние кои имаат намера да аплицираат за Шенген виза во текот на овој период.
Доколку Европската комисија, која веќе повика границите да останат затворени барем до средината на мај, одлучи да ги затвори надворешните граници до септември, тоа ќе значи дека државјаните на трети земји за кои досега беше потребна виза и носителите на дозволи за престој нема да можат да патуваат во овие земји.
Сигурно е дека штом се намалат ризиците од пандемијата и штом Шенген-зоната ќе почне да се враќа во нормала, земјите-членки ќе започнат да бараат дополнителни документи во врска со здравствената состојба на апликантите за виза.
Ова го потврди и официјален претставник на ЕУ за сајтот SchengenVisaInfo.com посочувајќи дека оние што ќе сакаат да патуваат во Шенген-зоната, откако земјите-членки ќе почнат постепено да се враќаат во нормала, можеби ќе треба да достават и негативен тест за COVID-19.
Кога границите на Шенген-зоната ќе се отворат во септември, апликантите за виза можеби ќе треба да достават и негативен тест за COVID-19, направен во последните 2 недели пред апликацијата за виза. Од патникот може да биде побарано и да направи нов тест пред да патува во Шенген-зоната, за да се утврди дека тој не бил заразен во меѓувреме, изјавил изворот.
Изворот исто така посочил дека откако вакцината за COVID-19 ќе биде потврдена и достапна за сите, од кандидатите за виза може да се побара и да ја примат истата, особено ако вирусот остане активен.
Иако ова изгледа како уште една агресивна мерка на земјите од Шенген-зоната за да се спречи ширењето на коронавирусот, сепак и во минатото некои од земјите-членки наметнале слични санкции за државјаните на земји кои беа тешко погодени од Свински грип и Ебола.
За среќа, оваа рестрикција не би требало да важи за нашите државјани кои поседуваат биометриски пасош бидејќи Македонија е на листата на држави за кои не е потребна виза за влез во Шенген-зоната.