Учеството на туризмот во БДП на Австрија е едно од најголемите во ЕУ.
Австрија би можела да им дозволи на туристите од Германија, но и од другите земји каде што коронавирусот е ставен под контрола, да ја посетат земјата во текот на летото, изјави министерката за туризам Елизабет Кестингер.
Според официјалните податоци, германските туристи сочинуваат повеќе од 30 проценти од вкупниот број на туристити кои ја посетиле Австрија минатата сезона.
Слободата за птување ќе остане ограничена во наредните месеци. Меѓутоа, ако државите се успешни (во битката против коронавирусот), како што е на пример Германија, постои реална шанса за билатерални договори, изјави Кестингер за саботното издание на австрискиот весник “Ди Пресе”.
Конзервативниот премиер Себастијан Курц изјави дека Австријците треба да размислат за одмор во својата земја за да им помогнат на домашната економија.
Сепак, без странски туристи, ќе бидеме приморани да трпиме загуби, додаде Кестингер.
Владата до крајот на април планира да претстави план за постепено отворање на рестораните и туристичкиот сектор.
Од вторник, во Австрија се отворени градинките и малопродажните објекти помали од 400 метри квадратни, во кои, како и во поголемите продавници, е задолжително да се влезе со маска.
Маските се задолжителни и во јавниот превоз, како и во такси возилата.
Според Универзитетот Џон Хопкинс, во Австрија има 14.671 потврдени случаи на Ковид-19, додека животот го загубиле 443 лица.