Недоразбирањата и конфликтите на работа се сосема нормална појава, па дури и влијаат на продуктивноста, но само до оној момент додека не се премине границата и не почне да се води психолошка војна со колегите.
Доколку сте во канцеларија, тогаш решавање на конфликтот е очи в очи, но што ако работите од дома?
Сите сме напнати повеќе од вообичаено
Иако конфликтите на работното место не се новина, тие во ситуации како оваа може дополнително да ескалираат, бидејќи сите сме нервозни и напнати повеќе од вообичаено. Затоа, најважно е без некоја посебна потреба да не навлегувате во конфликт со колегите. Најмногу за да не си создавате дополнителен стрес на самите себе, но и да не ја зголемува напнатоста и во така комплицирана ситуација. Трпението во вакви ситуации е лекот. Бидете трпеливи и покажете почит кон колегите, соработниците и претпоставените.
Поставете граница
Секој од нас има свои граници, вредности во кои верува, систем по којшто се раководи и го почитува. Тоа не значи дека сето тоа треба да го пренесете и на колегите, но доволно е јасно да се знае кој, како, колку и што работи. Само така ќе се спасите од непотребни стресни и непријатни ситуации со колегите.
Онлајн комуникацијата како предизвик
Повеќе од јасно е дека тет а тет комуникацијата е многу подобра, бидејќи можете да го кажете она што го мислите, да дообјасните доколку на колегите нешто не им е јасно и да спречите недоразбирања. Кај онлајн комуникацијата, тоа е голем предизвик. Треба добро да смислите што ќе напишете во групниот разговор, на Viber, на мејл… Ако се плашите дека некој од колегите би можел да ви замери, да не ве разбере добро, тогаш побарајте видео состанок или разговарајте по телефон. На тој начин ќе спречите главоболка, полесно ќе се разберете со колегите и ќе продолжите да работите без проблеми.
Престанете да се жалите
Нормално е дека на сите ни паѓа тешко овој период. Многу од работите што претходно ги правевме без да им обрнеме внимание, сега треба да бидеме посебно внимателни. Напнатоста и стравот не смеат да владеат со вас, затоа престанете да се жалите колку ви е тешко. Разговарајте со колегите, прашајте ги како тие се справуваат со стресот, свртете го вниманието кон поведри теми, планирајте некој заеднички тим билдинг откако ќе заврши пандемијата… Насочете ги мислите кон нешто позитивно и продуктивно, верувајте дека колегите веднаш ќе го забележат тоа и ќе го направат истото.